Собранието не ја прифати интерпелацијата за работата на министерот Спасовски
Собранието попладнево не ја прифати иницијативата на Алијанса за Албанците и Алтернатива, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, за отповикување од функцијата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. „За“ интерпелацијата гласаа 11 пратеници, 60 „против“, а немаше воздржани. Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не учествуваа во дебатата и не гласаа.
Министерот Спасовски во завршните зборови пред гласањето истакна дека расправата за неговата интерпелација ја смета како висок чин на демократијата.
-И на крајот, посебно упатувам порака до пратениците на парламентарното мнозинство. Кога ќе одлучувате за интерпелацијата да одлучувате по ваша совест врз основа на она што сме го сработиле, на фактите коишто ги презентирав пред сите вас и ако сметате дека тоа не е доволно ве молам да ја поддржите интерпелацијата на Алијанса да ме ослободите од позицијата министер, а доколку не сметате според вашата совет дека ова е исправно тогаш само ќе ви ветам дека и од утре натаму ќе продолжиме уште посилно, уште попосветено да работиме заеднички во интерес, а ве повикувам и вас почитувани пратеници на опозицијата приклучете се заедно да направиме нешто добро за нашата Македонија, нагласи Спасовски во обраќањето.
За да бидете одговорни во политиката, порача, треба да бидете овде, да дебатирате и да ги кажувате аргументирано своите ставови. Тоа, како што рече, не се случи со ВМРО-ДПМНЕ и мене не ме изненадува.
Според него, од оваа дебата можеме да извлечеме многу поуки како да продолжиме подобро во наредниот период, што е тоа што треба заеднички да го преземаме и да видиме каде имаме пропусти во системот.
-Сигурно можеме да констатираме дека владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, на тие криминални структури, на тој режим во 12 години создадоа сериозни проблеми во институциите во општество. И затоа мислам дека и низ оваа дебата имаме една нова перспектива, нова визија за тоа што треба да поправиме. Јас само ќе ве охрабрам сите вас како пратеници – дајте иницијативи, дајте решение на одредени проблеми коишто може да се решат, а за коишто можеби не се отворени прашањата, не било во фокусот на вниманието на сите нас. И тука мислам дека сите заедно добро е кога разговараме да можеме да најдеме и решение за тоа. Мислам дека имаме добар пример во неколку законски текстови за коишто сите заедно решаваме проблеми на граѓаните. Впрочем, тоа е основата и на парламентарната демократија, рече Спасовски.
Иницијаторите на интерпелацијата бараа одговорност од министерот Спасовски за, како што наведоа, бегството на Никола Груевски и Сашо Мијалков, но и за случаите со давањето македонски пасоши на меѓународни криминалци и за лицата со двојни матични броеви.
Пратениците од СДСМ во текот на попладневната дебата истакнаа дека интерпелација е беспредметна и сега не треба да се дискутира за тоа туку, како што велат, да се решаваат важни проблеми на граѓаните.
Пратеничката Лидија Тасевска истакна дека интерпелацијата е апсурдна, непотребна и избрзана за најуспешниот, најтранспарентниот и најпринципиелен министер во Владата. Нагласи дека Оливер Спасовски уште од неговото доаѓање на функцијата покажа како системски се решаваат проблемите во ресорното министерство кои, како што рече, со години пред него беа акумулирани. Го охрабри министерот Спасовски да работи посветено и во иднина, додаде дека ја има довербата на граѓаните, а албанската опозиција да ја повлече интерпелацијата.
Министерот Спасовски реплицирајќи му на пратеникот Абдула Салиу од Алијанса за Албанците за неуспесите во работењето, усно и низ фотографии потсети на досега реализираните проекти, како реновирања и санирања на полициски објекти во 2020 година, само за четири месеци. Посочи на целосното реновирање на аеродромската база Петровец, која како што рече, никогаш не била направена. Ги наведе реконструкциите на полициските станици во Гевгелија, Кавадарци, Крива Паланка, градба на ново стрелиште во касарната Илинден за Единицата за специјални задачи, набавка на пловни објекти првпат по 20 години за заштита на водените граници на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро. Првпат исплатена бонус плата за 2017, 2018, 2019, а се планира наскоро да се исплати и за 2020 година. Спроведување обуки, донесен етички кодекс, набавка на мобилен систем за снимање со камери или боди камери, се само дел од проектите што ги наведе Спасовски.
Во однос на обвинувањата дека граѓаните немаат доверба во МВР, Спасовски информира дека во 2020 година во споредба со 2019 година има зголемување за 59 отсто на ефикасноста на полицијата, намалување на класичниот криминал за 9 отсто, намалување на убиства за 59 отсто, намален број на разбојништва за 18,8 отсто, зголемена ефикасност за пет проценти, намалување на прекршоци од јавниот ред и мир за 12 отсто, намален број на жртви во сообраќајни несреќи за пет отсто.
Сузбиени се 13 криминални групи со 71 физичко и две правни лица, недозволена трговија со дрога – сузбиени се шест организирани криминални групи со 24 лица, три криумчарења на мигранти, сузбиени три криминални групи со 22 лица, корупција – сузбиени три групи во кои дејствувале 14 физички лица и две правни лица, тероризам – сузбиена единаесетчлена терористичка организација, пронајдена поголема количина на оружје, муниција и експлозив.
Во делот на корупција, наведе три криминални организирани групи, пријавени 14 физички лица и две правни лица, документирани 97 кривични дела, од кои кривично има пријавени 161 лице или вкупно причинета материјална штета од 100 милиони денари. За високата застапеност на коруптивните злоупотреби рече дека има кривично пријавени високи функционери, раководители, јавни службеници…, а најголема детекција во образованието, државните органи и претпријатија и јавните институции.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не можеа да се обратат бидејќи не беа ставени на листата на говорници, поради тоа што, како што беше објаснето од претседателот на Собранието Талат Џафери, тие својата листа ја доставиле до него со неколку часа задоцнување, а денеска нивен претставник не присуствувал на координација за да се договорат.
Продолжението на 39 седница, како што рече претседателот на Собранието Талат Џафетри, дополнително ќе биде закажано.