Собранието ќе одржи две седници


Фoто: Б. Грданоски

Собранието денеска треба да ја продолжи 30-тата седница на чиј дневен ред се повеќе предлог-закони по скратена постапка, меѓу кои законите за употреба на знаковниот јазик, за заштита од вознемирување на работното место, за практиканство, за волонтерство, како и за исплата на пензии и пензиски надоместоци од капитално финансирано пензиско осигурување. Со европско знаменце, на дневен ред е и Предлог-законот за измена и дополнување на Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух, во прво читање.

На 30-тата собраниска седница се и неколку предлог-закони во прво читање, меѓу кои за изменување на законите за спречување на насилство на спортски натпревари, за земјоделско земјиште, за планиниски патеки, за заштита од бучава и за животна средина.

Собраниската прес-служба најави дека Собранието денеска ќе ја одржи и 32-та седница со расправа за Предлог-законот за дополнување на Законот за јавните набавки, како и Предлог-закон за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, двата по скратена постапка во второ читање.

На дневен ред на 32. седница се и неколку предлог-закони во прво читање, меѓу кои законите за чек, за давање финансиски услуги на далечина, за лековите и медицинските средства, за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистар на други правни лица и други.