Собранието ќе ја продолжи 34-та седница, на дневен ред бесправните објекти, даноците на имот…
Собранието денеска ќе ја продолжи 34. седница, на чиј дневен ред се повеќе предлог-закони во прво читање.
Пратениците ќе расправаат за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка, за измените и дополнувањата на законите за постапување со бесправно изградени објекти, за комуналните такси, за даноците на имот, за финансирање на единиците на локалната самоуправа, на Законот за буџетите, сите во прво читање.
На дневен ред на седницата се и Предлог-законот за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, измените на Законот за социјална заштита, на Законот за шумите, на Законот за стоковните резерви, за административните такси, сите во прво читање и Информацијата за нацрт-концепција за основно образование, поднесена од група пратеници.
Во Собранието денеска седници ќе одржат и комисиите за финансирање и буџет, за одбрана и безбедност и Законодавно-правната комисија.
На дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет се Предлог-законот за изменување на Законот за данокот на добивка, во прво читање и Предлог-програмата за изменување на среднорочната програма за формирање, чување, обновување и користење на стоковните резерви за период од 2021 до 2025 година.
Членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност ќе расправаат за Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба на дел од територијата на Република Северна Македонија. На дневен ред се и две предлог-одлуки за испраќање припадници на Армијата за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите нации „УНИФИЛ“ во Република Либан. Со првата Предлог-одлука предвидено е испраќање еден штабен офицер на Армијата на период од една година, од септември 2021 до септември 2022 година. Со втората Предлог-одлука се предвидува во Либан да заминат двајца припадници на Армијата за период од шест месеци, од јули 2021 до јануари 2022 година.
Овие точки се на дневен ред и на седницата на Законодавно-правната комисија.