Собранието како Битпазар – пратеници се бркаат и се надвикуваат, додека работниците ги чекаат мерките


Наместо донесување на законите кои што треба да го откочат спроведувањето на петтиот пакет економски мерки кои со месеци ги чекаат фирмите и вработените, пратениците во Собранието попладнево и вечерва се надмудруваат која собраниска седница треба да продолжи. Односно дали прво да се гласа за Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, од 32 седница и други 21 заостаната точка, а потоа да се продолжи со 36 седница на која се законите од економската сфера.

Надвикувања, тропање по масите, бескрајни процедурални јавувања, па дури и бркање по салата по микрофонот, беа мачни слики од парламентарниот дом кој што треба да ги штити интересите на граѓаните. Инцидентот се случи откако координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, одби да се врати на своето столче бидејќи не му беше овозможено да се обрати процедурално и ја бркаше по салата пратеничката на владејачката СДСМ, Даниела Маркоска, која со микрофонот во рака се движеше меѓу пратениците во обид да дојде до збор. По повеќе предупредувања до Мицески да се врати на неговото место, претседателот Џафери повика обезбедување и даде  пауза.

Инаку, проблемите настанаа кога Џафери по завршување на општиот претрес по Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, побара да се гласа за сите точки од 32 седница за кои е завршена расправата, а по кои не се гласаше поради немање кворум. Во тој момент во салата беа присутни 65 пратеници. Притоа, Џафери најави дека по завршување со 32 седница, Собранието ќе продолжи со нова 36 седница по што реагираше координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски, кој забележа дека пратениците не биле претходно информирани дека ќе има нова седница.

Несогласувањата и обвинувањата меѓу пратениците од опозицијата и од владејачкото мнозинство продолжија и по паузата, при што опозицијата влегувањето во салата го условуваше со редоследот на седниците и на точките кој го бараше самата.

„Денес дојдовте 101 пратеник, се потпишавте и цел ден по Фејсбук сте“, рече револтирано Џафери.

На ова од владејачкото мнозинство се надоврзаа дека тројца од пратениците се во болница поради компликации со КОВИД-19 и дека сите пратеници треба да се однесуваат одговорно и да работат во интерес на граѓаните.

Во меѓусебните обвинувања, стана збор и за тоа кој го контролира Собранието, и зошто спикерското место е важно, на што Џафери рече дека додека е тој на оваа функција, тој е одговорен за работењето на парламентот, и дека тој оваа институција не ја раководи со ултиматуми. 

Претходно, на почетокот на продолжението на 32. седница, пратениците од опозицијата заминаа од салата, а координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски враќањето го услови со прекинување на 32. седница и со започнување на 36. седница, каде што на дневен ред се предложените закони од петтиот пакет економски мерки. Во еден момент пратениците на ВМРО-ДПМНЕ влегоа во салата, но откако претседателот Џафери утврди дека има кворум, и се обиде да продолжи со 32. Седница повторно ја напуштија салата.

Мицевски му рече на Џафери да престане да ги држи граѓаните и стопанството во неизвесност и дека чекаат пред вратата за 36-тата седница.

Во еден момент пратеникот на СДСМ, Диме Велковски, апелираше до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да влезат во салата и да ги изгласаат точките од петтиот пакет, но Мицевски тоа го услови претседателот Џафери претходно да констатира дека нема кворум за продолжението на 32. Седница, на што Џафери рече дека таа седница веќе има осум продолженија и дека 21 точка чекаат да бидат изгласани. Потоа, Џафери ја прекина седницата.