Собранието ги донесе законите за судската и обвинителската служба


 

Собранието денеска ги донесе законите за судска служба и за обвинителската служба.

Пратениците од опозицијата не дадоа поддршка бидејќи според нив двете законски решенија не се реформски и со нив само декларативно се следат целите од Реформската агенда. Пратениците од владејачкото мнозинство, пак посочија дека законските решенија, се донесени низ демократска процедура и во нив се инкорпорирани и двете крупни барања на засегнатите страни, по однос на нивниот статус и примања.

Двата закона, како што посочија пратениците од опозицијата, нема да обезбедат независност, непристрасност и напредок во судската и јавнообвинтелската служба. 

„Станува збор за закон кој е далеку од реформски, далеку од она што е предвидено до Реформската агенда. Имаме закон којшто само декларативно ги следи целите од реформската агенда. Наместо зајакнување на самостојноста на јавнообвинителската служба, во повеќе одредби се задржуваат механизмите преку кои извршната власт има влијание“, рече Јована Тренчевска од СДСМ.

Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ќе бидеме држава која ги направила најбрзо и најефикасно реформите и која добива најмногу средства од Европската унија. 

„Вие како опозиција имате две решенија. Првото решение е да излезете и да кажете дека сите овие законски решенија кои сега се носат сте можеле да ги направите и вие, но не сте ги направиле. Бевме на опашката од земјите во Западен Балкан, денес сме први и предводиме. Второ, во однос на законските решенија, на најдемократски начин беа повикани сите оние кои се поврзани со овие две законски решенија. Имаа две крупни забелешки – првата дека не сакаат да им биде скратен ниту еден денар од платата и не сакаа да го изгубат статусот на судски односно јавно обвинителски службеници. Двете забелешки ги усвоиме“, рече Пренџов. 

На јавната расправа што се одржа минатата недела претставните на судската и обвинителската служба имаа остри и многубројни забелешки за предложените закони.