Собранието демантира дека плаќа приватно здравствено осигурување за пратениците


Собранието реагира на објавите во повеќе медиуми кои ја скандализираа јавноста, а според кои на пратениците и вработените во оваа институција им се плаќа приватно здравствено осигурување. 

-Ја информираме јавноста дека станува збор за неточно и манипулативно претставување на фактите. Собранието на Република Северна Македонија не плаќа и не обезбедува приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените во Собраниската служба.Постапката на која се повикуваат медиумските објави се однесува на обезбедување систематски, односно превентивни здравствени прегледи, кои претставуваат законска обврска на работодавачот, а не дополнително или приватно здравствено осигурување.

Согласно член 22 став (1) од Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот е должен да обезбеди здравствени прегледи за вработените најмалку на секои 24 месеци. Оваа законска обврска не се однесува само на Собранието, туку се применува на работодавачите во јавниот и во приватниот сектор, согласно одредбите на Законот.

Видот, начинот и обемот на овие прегледи дополнително се уредени со Уредбата за видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи на вработените, донесена врз основа на член 22 од Законот за безбедност и здравје при работа. Прегледите ги врши овластена здравствена установа од областа на медицината на трудот.

Оттука, јавната набавка што ја спроведува Собранието е за конкретни здравствени и превентивни прегледи во рамки на систематскиот преглед, а не за набавка на полиси за приватно здравствено осигурување. Станува збор за две суштински различни категории.

Приватното здравствено осигурување подразбира склучување осигурителна полиса со осигурително друштво со која на осигурените лица им се покриваат определени здравствени услуги во согласност со условите на полисата. Собранието нема склучено такво осигурување за пратениците и вработените во Собраниската служба. Во конкретниот случај се работи за јавна набавка на здравствени услуги за реализација на систематски преглед, кој Собранието, како институција и работодавач, е должно да го обезбеди согласно законските прописи.

Дополнително, ваквите систематски прегледи не претставуваат нова практика или новововедена привилегија. Собранието и во претходните години спроведувало постапки за набавка на превентивни здравствени прегледи, токму заради исполнување на обврските што произлегуваат од прописите за безбедност и здравје при работа.

Собранието во целост ја почитува слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана и да ги анализира начините на трошење на буџетските средства. Истовремено, очекуваме информациите што се однесуваат на работата на Собранието да бидат презентирани точно, целосно и со јасно разграничување меѓу факти и интерпретации.

Уште еднаш потенцираме, Собранието на Република Северна Македонија не обезбедува приватно здравствено осигурување за пратениците и за вработените во Собраниската служба. Станува збор за систематски и превентивни здравствени прегледи кои се спроведуваат согласно законска обврска на работодавачот.

Апелираме до медиумите што ја пренесоа неточната или непрецизно формулирана информација да го објават овој демант и да извршат соодветна корекција на содржините со цел јавноста да биде правилно и целосно информирана, стои во реакцијата.

Инаку, медиумите објавија дека Собранието на Македонија решило да им овозможи на пратеничките, службеничките и вработените жени во кабинетот на претседателот користење на приватни прегледи за мамографија на дојки. Оваа услуга е додадена кон основниот пакет за систематски прегледи преку договор со приватна здравствена установа од Скопје, чија одлука е донесена во март. Цената на ваков преглед на пазарот се движи од 3.000 до 5.000 денари. Одлуката предизвика реакции во јавноста бидејќи доаѓа во период кога жените во државата се соочуваат со сериозни проблеми и со месеци чекаат за слободен термин за ист ваков преглед во јавните здравствени установи.

Според истите објави, тренд на купување дополнително приватно здравствено осигурување со буџетски средства е забележан во повеќе државни субјекти и претпријатија. Меѓу нив се наоѓаат акционерското друштво Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), кое реализирало набавка за дополнително осигурување на своите вработени, како и Државна видеолотарија на Република Македонија, која склучила договор за двогодишно доброволно осигурување. Слични пакети обезбедиле и Народна Банка и Развојна банка на Северна Македонија АД Скопје за својот менаџмент и вработени. Овие набавки се финансираат од средствата на граѓаните, кои истовремено се соочуваат со отежнат пристап до услугите во секундарното и терцијалното здравство и клиничките болници.

Покрај енергетскиот сектор и банките, институциите финансирани директно од државниот буџет исто така се вклучени во овој процес. Набавка на приватно здравствено осигурување е извршена и за професорите од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во Скопје. Со избирање на осигурителни компании на товар на државните средства, вработените во овие високообразовни установи го заобиколуваат системот на јавното здравство, додека поголемиот дел од населението останува зависно од капацитетите на јавните здравствени установи кои се соочуваат со листи на чекање.

Финансирањето на приватни здравствени услуги за државните службеници и функционери со јавни пари ја наметнува дилемата за социјалната праведност и нееднаквиот пристап до здравствената заштита.