Со сор им влегол во спалната и им барал 75.000 денари


 Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од село Прждево, општина Демир Капија, кое е осомничено за кривично дело „изнуда“ согласно член 258 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 19 (обид) од Кривичниот законик.

– На 10 јуни, во раните утрински часови, осомничениот влегол во семејна куќа во Богданци, носејќи со себе опасно орудие – сор со сечиво од 50 см, кој се употребува за рачно сечење гранки. Во дневната соба спиеле сопственикот на куќата и неговата сопруга. Штом се разбудиле осомничениот им се заканил со оружјето, барајќи од оштетениот 75.000 денари за кои сметал дека му ги должи како надомест за одгледување на козите во сопственост на оштетениот. Со сериозна закана со употреба на опасно орудие, осомничениот имал намера да прибави за себе противправна имотна корист, а се обидел да го присили оштетениот да му ги даде парите, се појаснува во соопштението од Јавно обвинителство на Република Северна Македонија.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Како што стои во соопштението, судијата го прифатил предлогот и на осомничениот му определил притвор во траење од 30 дена.​​