Со широко отворени очи: Михаил Корубин со ексклузивна изложба во Њујорк


Михаил Корубин е сликар и магистар по ликовни уметнoсти, кој на 18 април ќе се претстави пред Њујоршката уметничка јавност со дела работени во последниве три години.

Досега има излагано во Канада, Сад, Франција, Бугарија , Македонија …Застапен е во книгата “Masters of contemporary fine arts” на Art Galaxie и е автор кој со своето творештво предизвикува силен интерес кај љубителите на современата ликовна уметност, не само кај нас, туку и се повеќе ја шири својата ликовна енергија со голем број следбеници на социјалните мрежи.

Изложбата наречена ” Поглед” (Gaze) содржи 15 мега формати, платна работени во масло и акрилик техника, а ќе трае до 28 aприл, годинава.

Во каталогот за изложбата во Њујорк уметникот Михаил напиша за својата инспирација …

“Таму каде што сум роден и израснат, пророците, светците и ангелите се со широко отворени очи. Многу генерации гледале во тие очи, а сега нивниот јасен поглед е вперен во мене, кој предизвикува чувство на личен контакт и свеченост, кое постојано ме следи.

Во почетокот е само апстракција.

Различни линии, бои и ритмови се појавуваат на платното и јас интуитивно се препознавам во нив. Секогаш сум во потрага по таа примарна состојба од која што енергијата и атмосферата ќе бидат трансформирани во синтеза на емоции од кои ќе се роди погледот.

Така започнува мојата бескрајна приказна, светлост, раце, очи и ликови кои истовремено личат на секого и никого.

Очи во очи контактот, ме внесува во пикторалниот простор, ја засилува дадената манифестација, ја насетува силата и волшебноста на моментот кој што се уште не го постигнал својот зенит.

Сликите: Аура, Анима, Есенс, Катарзиз …

Тие не се моменти случајно одбрани од мојот изминат живот, туку се се случуваат сега, замрзнати во времето, некаде измеѓу пред и потоа”.

Сликите на младиот македонски уметник Михаил Корубин- Михо пред пет години беа дел од линијата производи на GelaSkins, достапни за продажба во светот.

Во соработка со една од најпознатите компании за производство на футроли, неговите дела се најдоа на футроли и налепници отпорни на гребење за голем број дигитални апарати: iPhone, iPad , Samsung, лаптопи и друго. Оваа фирма е позната по ексклузивните дизајнерски и уметнички композиции создадени од патентиран м3 материјал кој е отпорен на оштетување и прашина.

Михаил е трета генерација на визуелни уметници во неговото семејство, наследувајќи ги своите дедо-сликар, Миле Корубин и татко-уметник Рубенс Корубин. (Л.С.)