Со проектот „Граѓанско око“ Османи ќе го прави Чаир транспарентна општина

Поранешниот министер за надворешни работи, а сега кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, вели дека по толку години во политиката научил дека граѓаните не веруваат на празни ветувања и заложби, туку само на конкретни дела и коренити промени.
Тој најавува дека во општината, која сега е во центарот на вниманието поради огромниот број дивоградби, доколку биде избран ќе ги вклучи и граѓаните во надзорот за трошењето на општинските пари. Овој проект тој го нарекува „Граѓанско око“ и вклучува четири механизми. Тие ќе бидат клучни во делот за јавни набавки и со големата транспарентност треба да се намали можноста за корупција.
Османи вели дека јавното отворање на тендерите ќе биде снимано и пренесувано во живо, а снимката достапна онлајн не само додека трае процесот туку и понатаму. Секој граѓанин ќе може да следи како се бираат понудите при јавните набавки.
Потоа, целата постапка ќе се спроведувала под независен мониторинг од НВО и експерти за антикорупција. Надворешниот и независен надзор, особено кај поголемите тендерски набавки ќе биде гарант за фер и законска постапка, вели Османи.
Во изјава за „Независен“ Османи вели:
„Мојата заложба за транспарентна општина и борба против корупцијата е искрена и затоа, наместо празни ветувања, ја преточив во конкретни механизми. Ова досега никој не го направил и само по себе претставува историски и револуционерен пристап. Логиката е едноставна: им даваме моќ на граѓаните и на експертите за антикорупција да вршат надзор врз нашата работа и директно да бидат партнери во битката против корупцијата. Општина Чаир е меѓу најнетранспарентните општини во Северна Македонија, но јас верувам дека со овие механизми, за еден мандат, ќе стигне во првите пет по транспарентност. Овој пристап очигледно не им се допаѓа на моите противници, затоа што 20 години го правеа спротивното, зад затворени врати носеа одлуки во сопствен интерес. На 19 октомври, тоа оди во историјата и отвораме ново поглавје“.
Што ќе значи тоа ново поглавје доколку Османи победи во Чаир? Поранешниот министер најавува воведување на „јавна каса“, односно онлајн алатка за следење на приходите и исплатите на општината. Тој има намера ја ја вклучи и вештачката интелигенција во системот за поголема контрола над трошењето на општината.
Покрај механизмот на „Граѓанско око“, Османи најави и дополнителни канали за поголема отвореност на граѓаните. Тоа е проектот „Чаир 48“, што ќе нуди одговор/решение на пријави во рок од 48 часа за проблеми од комунална природа, вторник како „отворен ден“ без закажување и јавен календар на средби и одлуки на општината.