Со милион евра од унгарскиот кредит обновен базенот во Кавадарци


Со инвестиција вредна околу еден милион евра, обезбедена преку вториот јавен повик на Владата, денеска официјално беше пуштен во употреба целосно реконструираниот градски базен во Кавадарци. На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за спорт Борко Ристовски и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.

Реконструкцијата опфати целосна обнова на базенскиот комплекс, вклучувајќи нов систем за филтрација и пречистување на водата, реконструкција на големиот и малиот базен, поставување водни атракции и тобогани, детски реквизити, современо игралиште, обновени соблекувални, санитарни јазли, лекарска просторија, пристапни патеки и други придружни содржини.

Од Општина Кавадарци истакнаа дека новиот базен претставува модерен спортско-рекреативен комплекс кој нуди безбедност, удобност и забава за сите генерации и ќе биде една од најатрактивните летни дестинации во земјава.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, изрази задоволство што по 40 години од изградбата, се реконструира овој објект. Со тоа Кавадарци добива еден најсовремен и комплетен рекреативен центар. Тој појасни дека станува збор за инвестиција, поддршка од Владата преку унгарскиот заем, комплетен грант за општина Кавадарци.

Министерот за спорт Борко Ристовски истакна дека Владата продолжува со инвестиции во спортската инфраструктура низ државата, со цел подобрување на условите за рекреација и развој на спортот.

– Ќе инвестираме во сè она што значи развој на спортот, во рекреацијата, да овозможиме што е можно повеќе дечиња, што е можно повеќе возрасни луѓе да се рекреираат, меѓутоа и да се занимаваат со здрав спортски живот, со тоа што ќе го подобриме и наталитетот на самата држава – нагласи Ристовски. 

Премиерот Мицкоски, ја пофали инвестицијата и посочи дека овој спортско-рекреативен центар има регионално значење. 

– Од целосно запуштен објект, што сведочеше на едно лошо време, денеска гледаме како добива смисла и добива содржина и многу сум среќен што можам да видам како нашите најмлади, дечињата, уживаат во ова коешто за нив го правиме во суштина – истакна претседателот на Владата.