Со концерт во Ришон Ле Цион заврши турнејата на Филхармонијата во Израел
Со концертот во Ришон Ле Цион во близина на Тел Авив на матичната сцена на Израелскиот симфонски оркестар, синоќа заврши неколкудневната турнеја на Филхармонијата на Северна Македонија во Израел.
Пред концертот, во организација на амбасадата на Република Северна Македонија во Израел, се одржа свечен прием, на кој присутните гости ги поздрави министерот за култура Хусни Исмаили.
Во своето обраќање министерот Исмаили изразувајќи благодарност за укажаната чест и топлото гостопримство истакна дека Република Северна Македонија и Државата Израел ги поврзува големо пријателство, меѓусебното разбирање и заемното почитување.
–Убеден сум дека концерт на Националниот филхармониски оркестар, а по повод одбележувањето на 28- годишнината од независноста на нашата земја Република Северна Македонија, ќе биде само уште една потврда за големиот ангажман и енергијата вложени во развојот на културата, но и поттик и во иднина да продолжиме да работиме на продлабочувањето на соработката меѓу двете земји, отворајќи простор за креирање на нови проекти за промоција на културата, научните и духовните вредности не само на национално туку и на меѓународно ниво, рече министерот за култура.
Министерот за култура во рамки на својата посета на Израел оствари повеќе средби меѓу кои и со министерот за животна средина Зеев Елкин, со министерот за регионална соработка Тзаки Ханегби, како и со директорката за култура на Израел Галит Вхаба Шашо. Тој присуствуваше и на концертите на Филхармонијата во Ерусалим, Од Хашарон и Ришон Ле Цион.
Турнејата на Филхармонијата во Израел се реализираше со финансиска поддршка на Министерството за култура на РСМ, Амбасадата на Р. Северна Македонија во Израел, и со особено залагање на почесниот конзул Шломо Грацијани.