Со европски пари ќе се направат 87 пречистителни станици


За Република Северна Македонија, најголемите предизвици за Поглавјето 27 остануваат во областа на управувањето со води и отпад. Акцискиот план за имплементација на Директивите за отпадни води и вода за пиење предвидува вкупен трошок од околу 1,2 милијарди евра и рок за имплементација до 2041 година.

Со овие средства е предвидена изградба на 87 пречистителни станици, од кои 16 ќе имаат напредно терциерно пречистување, додека за системот за управување со отпад се потребни околу 300 милиони евра.

Меѓу главните проекти поддржани од ЕУ се затворањето на дивите депонии, изградбата на регионални системи за управување со отпад во пет региони и изградбата на пречистителна станица за отпадни води во Скопје, беше речено на денешната средба на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити со Мајкл О’Флаерти, комесар за човекови права при Советот на Европа, кој престојува во неколкудневна посета на Северна Македонија.

За време на средбата, Меџити ја изрази определбата на Република Северна Македонија да ги интензивира напорите за целосно усогласување на законодавството и државните системи со законите и политиките на Европската Унија во областа на животната средина и климата.

„Овие напори јасно се рефлектираат во секторските стратегии и политики кои вклучуваат силни законодавни мерки, зајакнување на националните капацитети за имплементација на правото на ЕУ, како и значителни инвестиции во инфраструктурата и новите технологии“, рече Меџити на средбата, додавајќи дека во процесот на хармонизација со европското законодавство, Северна Македонија може да бара транзициски периоди, особено за Поглавјето 27, како едно од најпредизвикувачките и најскапите за земјите што преговараат со ЕУ.

Ова поглавје е дел од Кластерот 4, кој вклучува области како што се патната инфраструктура, дигитализацијата, обновливите извори на енергија и заштитата на природните ресурси.

 

Во овој контекст, Меџити изрази благодарност за континуираната поддршка на Европската Унија, која останува главен донатор во секторот за животна средина во Северна Македонија, која вклучува инвестиции во обновливи извори на енергија, како соларни и ветерни паркови, преминот од јаглен, проекти за поврзување на гасниот систем со Косово и Србија, како и проекти за управување со отпад и отпадни води.