Со есенската кошничка едно семејство штедело по 1.500 денари месечно, вели Ристески
Со помош на есенската потрошувачка кошничка едно просечно македонско семејство штеди од илјада до 1.500 денари месечно, посочи заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој денеска присуствуваше на „Текстилијада“ во Штип. Тој посочи дека ако на ова се додаде и училишната потрошувачка кошничка која е направена на стартот на учебната година, едно просечно семејство кое има ученик штеди од 4.000 до 5.000 денари.
– Мислам дека се опфатени 73 групи и некаде околу 500 производи. Мислам дека има ефект од есенската кошничка, има намалување на цените по порценти во зависност од бруто профитната маржа, знаете дека беше ограничена на 10 отсто, оние поризводи кои имале поголема бруто профитна маржа, навистина имаме пад на тие производи за 20, 30 па и повеќе посто. Посебно намалување има на млекото и млечните производи, сирење, кашкавал, месо, дел од овошјето, зеленчукот. Има и производи каде маржата била помала и помало е и намалувањето, рече Ристески.
Тој додаде дека во однос на законот за нефер трговски практики, во регулирање на договорите меѓу добавувачите и произведувачите со купувачите, 26 практики треба да бидат исклучени од Законот. Комисијата за заштита на конкуренцијата врши контрола по што ќе следуваат и казни.
-Зголемен е бројот на членови кој во еден дел ќе ги контролираат договорите, а во другиот дел ќе ги спроведуваат и казните. До Нова Година ќе ја следиме ситуација на терен, дали се почитува Законот, а потоа ќе има и казни кои не се мали и изнесуваат и до 20.000 евра за трговците на мало, рече Ристески.
Тој упати апел да се почитуваат одлуките и законот, и додаде дека индиректно до Нова година ќе има и дополнително намалување на цените на производите.