„Со брзање не се стигнува до целта“: Мал апетит во владите на ЕУ за нови членки без право на глас

Амбасадорите на ЕУ денеска ќе разговараат за новата идеја за „обратно членство“. Новата холандска влада не е расположена за тоа, како и Австрија, Шведска и Франција


 

Амбасадорите од 27-те земји на ЕУ се повикани на брзо организирана вечера во Европскиот совет вечерва, каде што се очекува Бјорн Зајберт, десната рака на Урсула фон дер Лајен (кој е шеф на нејзиниот кабинет) да ги изложи најновите размислувања на Европската комисијата за реформата на проширувањето.

Средбата се случува во време кога блокот се бори како да го прилагоди својот болно бавен процес на проширување на посуровата геополитичка ера и брзо да ги внесе земјите како Украина во клубот.

Неодамнешните извештаи сугерираат дека Комисијата истражува радикална реформа: давање приоритет на внесувањето на земјите во блокот без целосно право на глас, а можеби дури и пред да се завршат обемните внатрешни реформи во области како што се борбата против корупцијата и владеењето на правото. Тоа се нарекува „обратно членство“ или „постепена интеграција“.

Истражувајќи го овој можен нов пристап „Еурактив“ откри дека има мал апетит кај владите на ЕУ за брз пристап. Проблемот е што секој договор за пристапување сè уште би барал едногласна ратификација. Унгарија ќе гледа скептично на влезот на Украина без разлика која влада е на власт по изборите на 12 април, а во Франција можеби дури ќе треба да се одржи и референдум.

Албанија, Србија и Молдавија, како и Украина, се најмногу заинтересирани за оваа идеја. Македонија уште нема изградено сообразен став.

Околу најавите за можно членство во ЕУ без право на глас минатата недела претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека го слушнала тоа од европскиот известувач Томас Вајц, но дека има „меморија и дека повеќепати досега слушнала за вакви моментуми за влез во Унијата“. Таа рече дека не може да коментира идеи, а сегашната состојба е дека според актите на ЕУ земјите членки имаат и статус и право на вето. Таа сметаше дека по сѐ што направивме на тој пат заслужуваме и „нас да нѐ прашаат за модалитетите за прием во ЕУ, бидејќи вака не е сериозно“.

Таа и вчера, за време на посетата на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, рече дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан е неговата итна и целосна интеграција во ЕУ. „Мора да ставиме крај на вештачките причини и причините од идентитетски карактер за членство во ЕУ и да се фокусираме на Копенхашките критериуми“, рече Сиљановска на прес-конференцијата.

„Постои идеја што добива на интензитет во Брисел, а која го зема предвид мировниот план на Украина, во кој интеграцијата на земјата во ЕУ би се забрзала, со цел идна реконструкција. Ова би било непринципиелно кон Западен Балкан и за ова постојат две сценарија. Добро е што сме дел од обете сценарија. Првото сценарио е Украина, заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија, да се приклучат кон ЕУ на почетокот на 2027 година, но без право на глас, што значи да учествуваат во активностите на Советот, Комисијата, сите тела и поврзаните контролни механизми“, изјави премиерот Мицкоски за Канал 5. „Оваа интеграција би се случила во 2027 година. Втората опција е да се приклучат и други земји од регионот – Босна и Херцеговина, Србија, Косово и Молдавија“, додаде Мицкоски.

Ова распоредување по групи е малку поинакво од она што се зборува во Брисел и европските престолнини.

Европската комисијата ќе мора да работи многу напорно за да ги убеди земјите да се приклучат кон својот нов, при што неколку главни градови отворено ги доведуваат во прашање таквите сеопфатни промени, пишува „Еурактив“.

„Да бидам искрен, не мислам дека постои стратегија“, рече Енгелуше Морина, виш политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи во Берлин. „Освен оваа идеја што е полузготвена, не гледам други идеи што ќе успеат“.

Марта Кос, комесарката за проширување на ЕУ, денес е во Берлин, каде што се очекуваат тешки прашања за проширувањето, особено за вклучувањето на Украина во идејата. Канцеларот Фридрих Мерц истури ладна вода врз надежите на Киев за приклучување до 2027 година. Австрија, Шведска и Франција, исто така, ја нагласија условеноста пред брзината.

Новиот холандски премиер Роб Јетен имаше сличен тон во Брисел вчера каде беше во прва посета на Брисел по изборот и се сретна со сите клучни луѓе. „Ние сме многу отворени за да разгледаме поширока поддршка“, им рече тој на новинарите во еден ден исполнет со состаноци. „Но, премногу брзо движење, мислам, не е начин да се движиме напред“. Но тој додаде  дека новата холандска влада сака помала едногласност во донесувањето одлуки во ЕУ, позиција што би го ослабнала правото на вето на кое често се потпираат Унгарија и другите.

„Во моментов не е можно да се одреди датум за проширување со Украина“, додаде тој, ветувајќи континуирана општа поддршка.

Фон дер Лајен јавно го отфрли повикот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за членство до 2027 година. Сепак, Комисијата продолжува да истражува начини да им даде на земјите-кандидати брзо и валкано членство без сите обврски, одговорности и придобивки од тоа да бидат во клубот.

Комисијата е мотивирана од пошироката слика: ако идниот мировен договор постигнат од САД вклучува забрзано членство во ЕУ за Украина, на Брисел ќе му требаат опции. Сепак, засега, не изгледа дека мирот е зад аголот.

Минатата недела албанскиот премиер Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ напишаа заеднички текст во германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во кој се заложија за забрзана интеграција на подготвените земји кандидати во единствениот пазар и Шенген зоната. Тие рекоа дека од 2013 година (кога Хрватска влеазе во ЕУ) ниту една нова членка не се приклучила на ЕУ. „Иако ова не значи нужно дека посветеноста се намалила, туку дека условите станале посложени – внатрешни реформи, геополитички тензии, институционални ограничувања и легитимна загриженост кај земјите членки, суровата вистина останува, оваа тажна и обесхрабрувачка реалност трае предолго“, напишаа Рама и Вучиќ.

Тие изразија разбирање за загриженоста на некои членки и лидери за тоа дали Европската унија ќе може да функционира ефикасно ако има уште повеќе членови од денес. „Научивме, честопати на потешкиот начин, колку е тешко да се убедат сите земји-членки да ги забрзаат нашите процеси на пристапување и колку лесно може да се блокира напредокот, честопати од причини вкоренети во домашните политички размислувања на поединечните земји-членки. Но, кажувањето на идните членки дека мора да почекаат реформи на ЕУ пред да се приклучат е еднакво на затворање на вратата: повеќе славенички говори со кои се потврдува посветеноста за добредојде на нови членови додека всушност речиси ништо не се случува. Тоа би било погрешно, контрапродуктивно, па дури и опасно во овие времиња“, напишаа Рама и Вучиќ. (Н.В.)