Снепчет обвинува дека правилата на ЕУ за лични податоци се во корист на Гугл и Фејсбук


Сопственикот на социјалната мрежа Снепчет, Иван Шпигел, обвини дека правилата за заштита на личните податоци на ЕУ, кои стапија во сила пред една година, всушност им одат во прилог на дигиталните гиганти Гугл и Фејсбук.

Оваа порака Шпигел им ја упати на европските регулатори и предупредува дека правилата можат да бидат контрапродуктивни.

– Мислам дека некои од регулативите, како ГДПР на пример, можат на крајот да ги засилат позициите на големите актери, тврди Шпигел.

ГДПР или Регулативата за заштита на личните податоци на ЕУ има за цел да го направи пристапот до дигиталните платформи потранспарентен и да им даде поголема контрола на корисниците врз нивните лични податоци на интернет.

Според извршниот директор на Снепчет, оваа Регулатива ќе ги натера малите компании да се свртат кон гигантите.

– Ќе биде многу тешко за малите што сакаат да рекламираат на нивниот веб сајт затоа што не се доволно силни, немаат огромна рекламна платформа како Гугл и Фејсбук, а ако го направите тоа всушност ќе треба да им кажете на вашите клиенти дека им ги продавате податоците на Гугл и Фејсбук, изјави Шпигел.

Снепчет е популарна апликација кај тинејџерите, што им овозможува ефемерно споделување на слики и видеа. Иако има 190 милиони дневни корисници, таа работи со загуба.