Смеа и тага: Скопје го виде феноменот „К-15“ од другата страна  (фото)

„К-15“ ни заличија на секој млад успешен, креативен Македонец кој ја напушти оваа земја засекогаш“


Документарец за најголемиот хумористичен феномен во Македонија. По три децении смеење, провокации, хумор и реплики кои станаа дел од секојдневниот јазик, а по три распродадени настапи во Арената „Борис Трајковски“ во мај за јубилејот, ова беше следниот голем чекор – да се открие целата приказна на големо платно.

Скопје ( а и многу гости од Кавардарци) три вечери во МНТ (5, 6 и 7 декември, четвртата е закажана за 13 декември) ја следеше со нетрпение приказната за К-15 од другата страна, зад сцената (која почнала со скромна опрема, на една обична маса), за сите успеси, падови, премрежија и предизвици со кои се соочуваа Бранко Огњановски, Васко Тодоров и Љупчо Бубо Каров како Миле Паника, Тошо Малерот и Цацко Конопишки и нивните соработници, додека се снимаа легендарните епизоди кои се уште се прераскажуваат, а нивните песни се потпевнуваат. 

Бранко и Бубо следат од Галерија, без Ваској кој беше отсутен заради болест

„К15: Од другата страна“ е дело на режисерот и сценарист Ико Каров, кое спакувано во 100 минути ја донесе интимната, човечка и непозната страна на ова “дуо, трио“. За неговата автентичност говори и тоа што Ико е син на еден од главните носители на К-15 и Дуо Трио – Бубо Каров и од мали нозе бил дел од целиот проект.

Филмот беше збогатен со искрени сведоштва, ретки архивски материјали и приказни од луѓе кои директно или индиректно биле дел од оваа ера.

Зборуваа: Игор Џамбазов, Никола Ристановски, Коле Ангеловски, Жарко Димитриоски, Мирослав Масин, Горан Стефановски, Влатко Стефановски… Особено беше впечатлива изјавата на Горан Стефановски, во постарата снимка во документарецот: 

„Кога беа популарни ‘Битлс’ постоеше еден феномен наречен ‘Битлсманија’ за кој бендот не беше свесен, зашто не можеа да видат како фановите ги чекаат пред хотелите и салите каде што настапуваат. Истото беше и со ‘К-15’. Тие не ја видоа таа ‘К-15 маниjа“, рече Стефановски.

Филмот почнал да се снима пред пожарот во Кочани на 16 март, па во еден дел се појавува и пејачот Андреј Ѓориески од „ДНК“, кој беше дел од продукцијата „К-15“ и кој трагично го загуби животот во пожарот во дискотеката, спасувајќи млади луѓе. 

Беше убава емотивна вечер. Но мислејќи дека ќе се смееме цела вечер, документарецот ни остави чувство на тага. Тага, зашто веќе ги нема во етерот. Како што сподели една гостинка „ К-15“ ни заличија на секој млад успешен, креативен Македонец кој ја напушти оваа земја засекогаш“. 

Л.Сабит

Фото: ФБ