„Случај Богоевски“. Се бараат таксистот, дилерот и „бомбашот“


Основното јавно обвинителство Скопје побара да се утврди идентитетот на таксистот, кој, наводно, го снимал разговорот на пратеникот Павле Богоевски, да се направат проверки од кое лице евентуално била нарачувана наркотична дрога и преку меѓународни инструменти да се провери сопственикот на профилот на руската социјална мрежа Виконтакте.

Од ОЈО информираат дека според пријавата на Богоевски, на неодреден датум во периодот од март до мај годинава, додека се превезувал со такси-возило од неидентификувана компанија и разговарал на мобилен телефон, неовластено бил сниман од возачот. Разговорот потоа бил објавен на јутјуб-профилот „Бомби 2019“, како и на руската социјална мрежа Виконтакте.

Обвинителството поднело барање за доставување податоци до Јутјуб кои се однесуваат на комплетни логови за наведениот профил, ИП-адреси користени за пристапување и најавување на тој профил, како и ИП-адреса од која е креиран профилот.

Од ОЈО информираат дека доколку се утврди идентитетот на сторителот и се обезбедат законити докази, МВР треба да поднесе кривична пријава до Обвинителството.