Славните дизајнери во публика и на аукција, студентите на писта


Модата во Македонија од сезона во сезона, од година во година, од пистата и сцената се сели на панели сесии со едукативни активности, и креативни работилници, а како „парче облека“ се претвора во „ јазик на општествени, културни и еколошки промени“. Моќта на модата од „вкус да спарите комбинација“ се претвори во  „мода која создава вредности, менува навики и  гради култура на одржливост“. Дојде време „на панелите да се зборува за микропластика, новите технологии и улогата на модата во зелениот развој“, а во приватните муабети „да се (о)зборува за овој или оној изглед, овој или оној успешен ботокс или зголемени усни и деколте“.

Новото време или старите навики „ги пресели“ и звучните имиња од македонската мода од пистите во „покомфорни или попрофитабилни зони“, како дел од публика, дел од панел сесии и аукции или ангажирани околу креативните работилници кои ја поврзуваат модата со општествените текови и социјалната одржливост, но што значат и поимите за убавина во дигиталната ера и почитување на телотото во онлајн светот. И оваа сезона на 31. Моден викенд Скопје конечно се проговори како новите генерации правилно да ги насочите со стилот и изгледот каде ве почитуваат „ само ако носите брендови“ или „поддржувате вештачка убавина“. Изгледот и стилот можат да бидат израз на слобода, но и причина за дискриминација.

Од сезона во сезона расте бројот на млади дизајнери учесници на модниот настан, а опаѓа бројот на ревиите со звучни имиња. На времето познатите креатори избираа млади талентирани дизајнери, а сега се присутни евентуално како (екс)професори и ментори на студентите по мода или како дел од модните аукции, како чин на општествена одговорност.  А и дизајнерите што не промовираат нови колекции, ретко ги гледаме во публика на ревиите на другите дизајнери.

Л. Сабит