Славица Грковска бара одговорност за настаните во М-НАВ


 

Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, ги повика Управниот  и Надзорниот одбор на М-НАВ да одговорат што се случува во Македонската навигација со конкурсот за контролори на летањето и дали тоа е на штета на квалитетни кадри и посебно за безбедноста. Таа вели „Одговорност мора да има“.

Во објава на Фејсбук таа напиша:

„Информациите за евентуално самоволно однесување на членови на УО на М-НАВ, спротивно на сите принципи на добро владеење, вклучително и одговорно и совесно вршење на функцијата во заштита на интересите на граѓаните, со право предизвикуваат голем револт во јавноста. Затоа, ги повикувам членовите на УО и на НО на М-НАВ да дадат одговор дали го загрозуваат конкурсот на контролори на штета на квалитетните кадри и на штета на безбедноста на сите нас. Одговорност мора да има“.