Славески вели дека инфлацијата може да го загрози девизниот курс на денарот

Се предвидува дека нашата инфлација во наредните две години ќе биде повисока од онаа во еврозоната, а тоа значи дека ќе има притисоци врз девизниот курс, изјави Славески при дебатата на ТВ24. Никола Поповски му одговори дека се изложува на професионален и политички ризик


 

По апокалиптичните сценарија за зголемување на цената на струјата од најмалку 40 отсто, дека граѓаните на Скопје ќе останат без парно греење и за енормен пораст на инфлацијата, од ВМРО-ДПМНЕ сега се насочија кон девизниот курс на денарот. Трајко Славески, универзитетски професор и актуелен претседател на Советот на Град Скопје и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека стапката на инфлација кај нас, која е повисока од онаа во еврозоната, може да ја доведе во прашање монетарна политика што сега ја имаме, како и стабилноста на девизниот курс на денарот. Од друга страна, пак, професорот Никола Поповски, категорично демантира и вели дека нема ризик за курсот на денарот.

„Граѓаните најмногу ги засега прашањето за макроекономската стабилност, како и стабилноста на девизниот курс“, изјави Славески во гостувањето во емисијата „Анализа“ на ТВ 24, додавајќи дека нашата монетарна политика се темели на тоа што сме се обврзале да имаме стабилен девизен курс.
„Зошто од последната девалвација на 15 јули 1997 година сѐ до сега не сме имале промена на девизниот курс односно сме го одржале на она ниво, прво со германската марка, а сега и со еврото во сооднос 61,5 денари средниот курс за едно евро? Тоа е затоа што нашата инфлација во тој период била во рамките на инфлацијата на еврозоната. И сѐ додека ја држиме нашата инфлација со онаа во рамките на еврозоната, може да го одржуваме оној девизен курс кој што сега го имаме. Но, првите знаци дека постојат нарушувања се веќе тука присутни“, изјави Славески, кој беше министер за финансии од 2006 до 2009 година.
Тој ги упати на последниот извештај на ММФ објавен на 18 февруари за анализата за  Македонија, кој е на околу 70 страници.
„Таму може да се види дека во последните две години за прв пат има апресијација на реалниот девизен курс за 2,7 проценти. Што тоа значи? Ние полека ја губиме конкурентноста на домашната економија, односно стануваме поскапи за купувачите од надвор и на нашите услуги и на нашите стоки“, рече Славески.
Тој исто така се осврна и на проекциите за инфлацијата кај нас која, како што посочи, во последните неколку години е повисока од таа во еврозоната.
„Податокот дека кај нас инфлацијата е 6,7 отсто, а во еврозоната е 5,1 отсто не е најкритичното. Најкритичното е што сите предвидувања се дека кај нас заради внатрешни фактори и изразени инфлациски очекувања, инфлацијата ќе продолжи да биде повисока најмалку во текот на оваа година и наредната година од таа во рамките на еврозоната. Е, тогаш веќе се доведува во прашање онаа монетарна политика што до сега сме ја имале“, рече Славески додавајќи дека и базичната инфлација (станува збор за инфлација која што ги исклучува цените на производите кои што се многу непостојани на светскиот пазар, на храната и на енергијата) кај нас е веќе релативно висока и изнесува 2,9 отсто или над три проценти.
Универзитетскиот професор Никола Поповски, кој беше министер за финанси од 2003 до 2006 година, а сега е и член на Советот на Народната банка, предупреди дека она што го изјави Славески е ризик за самиот него, како професионален, така и политички.
„Ние овде водиме ризична дискусија, но времето ќе покаже. Професорот Славески, колку што внимателно го слушав, предвидува дека ќе мора нешто да промениме и дека е неиздржлив курсот ако продолжи ваквата состојба. Ќе видиме дали ќе има, ќе дојде јуни, ќе дојде и декември. И лани имаше вакви тврдења, но заврши годината, ништо не се оствари. Имаше и експерти кои велеа дека инфлацијата ќе биде 5-6 проценти, а заврши со 3,2 отсто“, рече Поповски.
„Јас сакам да кажам обратно – немаме ризик за курсот на денарот. Прво, ја споредувате јануарската инфлација кај нас со годишната во еврозоната, каде што исто така има инфлација. Во Германија како носечка економија во еврозоната е на ниво од 5-6 проценти, значи над нашата. Инфлацијата постои и во целиот свет, во САД е седум отсто“, вели Поповски.
Тој очекува инфлацијата кај нас до крајот на годинава да се намали. Поповски вели дека ударот во јануари беше заради растот на цените на енергијата.
„Второ, девизните резерви се на високо ниво, тоа го посочува и ММФ во извештајот. Во услови на врзаност на денарот со еврото, во Македонија ги имаме на располагање сите инструменти тоа да се одржи“, вели Поповски.
Тој очекува земјата да остане во зоната на умерена инфлација, која можеби нема да биде 2-3 отсто како што сме научени, туку заради околностите во светот можеби ќе биде повисока, но таа никако не може да предизвика удар врз девалвацијата.
„Сакам одговорно тоа да го кажам дека нема такво сценарио“, дециден е Поповски.
Славески, пак, се правдаше дека најмалку 3-4 пати во последните години јавно ја смирувал јавноста кога имало неодговорни изјави, како на пример кога „имаше повици од еден познат адвокат да се повлекуваат заштедите“.
„Не сум бил никогаш хазардер, но овие трендови расфрлање на сите страни заради популизам не водат кон добро. Се предвидува дека нашата инфлација во наредните две години ќе биде повисока од онаа во еврозоната, а тоа значи дека ќе има притисоци врз девизниот курс“, изјави Славески.