Славе Ѓорѓо Димоски и Радмила Лазиќ добитници на „Книжевен жезол“ на ДПМ за 2025


Фото: Б. Грданоски

Македонскиот поет Славе Ѓорѓо Димоски и српската поетеса Радмила Лазиќ се годинешните добитници на наградата „Книжевен жезол“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Оваа традиционална награда за животен опус, најголемата што ја доделува Друштвото, се состои од статуетка и од плакета, а на поетот и на поетесата ќе им биде врачена на манифестацијата „Празник на липите“, која ќе се одржи на 13 и 14 јуни во Скопје. Одлуката за избор на наградените автори деновиве ја донесоа членовите на Управниот одбор на ДПМ: Живко Грозданоски (претседател), Зоран Анчевски (потпретседател), Марина Мијаковска, Димитар Пандев, Сузана В. Спасовска, Виолета Танчев-Златева и Бранко Цветкоски.

Поетот, есеист и преведувач Славе Ѓорѓо Димоски е роден на 18 март 1959 година во охридското село Велестово. Завршил Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во два мандата бил претседател на Управниот одбор на НУ „Струшки вечери на поезијата“. Основач е и долгогодишен раководител на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на македонскиот ПЕН-Центар. Автор е на книгите поезија: „Гравири“ (1979), „Проект“ (1982), „Студен порив“ (1985), „Последните ракописи“ (1988), „Спореден пат“ (1991), „Предмети и аргументи“ (1994), „Форми на страста“ (со цртежи на Сергеј Андреевски) (1998), „Форми на страста“ / „Forms of passion“ (библиофилско издание со цртежи на Сергеј А. и Дик Робертс, приредувач Сашо Димоски) (1999), „Macedonia Prima“ (2006), „Темно место“ (2009), „Мерач на зборовите“ (со цртежи на С. А.) (2009), „Хаику на разгледници“ (2015), „Јазичен триптихон“, со цртежи на С. А.) (2016), „Извешти на Рисот“ во соработка со С. А.) (2016), „Кумова Слама“ (2018), „Јазик и леб“ (2019), „Денес“ (2024) и „Грозје од кукавица“ (2024).

Славе Ѓорѓо Димоски објавил шест книги за деца и четири книги со есеи, а превел над триесетина книги на поети од словенското јазично подрачје. Дваесет книги му се преведени на странски јазици, а поединечни песни и поетски циклуси се препеани на над триесет и пет јазици. Добитник е на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои се и: „Браќа Миладиновци“, „Антево перо“, „Ацо Шопов“, „Гран-при интернационал“ (Романија), „Сергеј Есенин“ (Русија) и др. Тој во 2024 г. ја доби државната награда за животно дело „23 Октомври“, а двапати беше награден и со највисокото охридско признание „Св. Климент Охридски – патрон на Охрид“ (2000 и 2012 г.).
Славе Ѓорѓо Димоски е застапен во сите релевантни антологии на македонската поезија објавени во Македонија и низ светот по 1982 година.

Поетесата Радмила Лазиќ пишува поезија, есеи, публицистички и прозни текстови. Живее во Белград, а е родена во српскиот град Крушевац во 1949 година. Авторка е на објавените збирки поезија: „Тоа е тоа (1974)“, „Вистинската состојба на работите“ (1978), „Кастинг“ (1981), „Ноќни разговори“ (1986), „Историја на меланхолијата“ (1993), „Приказни и други песни“ (1998), „Од анамнеза“ (2000), „Дороти Паркер блуз“ (2003 и 2004), „Зимски студ“ (2005), „In vivo“ (2006), „Магнолиите цветаат“ (2009), „Црна книга“ (2014), „Хулам и потпишувам“ (2022), „Живот после животот“ (2024); на пет избори од поезијата: „Најубавите песни на Радмила Лазиќ“, „Срце меѓу забите“, „Бакни или убиј“,„Земски багаж“, „Она што го нарекував љубов“ (избор од љубовната поезија).
Објавила и две книги есеи, „Место за копнеж“ (2005), „Мислејќи се себеси“ (2012),книгата на кратка проза, „Загризи го животот“ (2017).
Авторка е на првата антологија на современата женска поезија, „Мачките не одат во рај“ (2000), како и на антологијата на српската урбана поезија, „Ѕвездите се убави но немам кога да ги гледам“ (2009). Во Шпанија и е објавена антологија на современата српска женска поезија, „Ligera vuela la sombra“(Vaso Roto, 2021). Нејзините песни се застапени во бројни антологии на српската поезија, во земјата и во странство.Песните и се преведени на германски, англиски, италијански, полски, унгарски, романски, норвешки, бугарски, јапонски, македонски, шпански…Меѓу нејзините книги со одбрани песни кои се објавени на македонски, англиски, норвешки, германски и словенечки јазик е и книгата „Метафизика на самракот“ во превод на Бранко Цветкоски.

Таа е добитничка на книжевните награди: „Милан Ракиќ“, „Ѓура Јакшиќ“, „Десанка Максимовиќ, „Владислав Петковиќ Дис“, „Васко Попа“, „Ефимиски вез“, „Исток- Запад“, „Лаза Костиќ“ и „Милица Стојадиновиќ Србинка“. Радмила Лазиќ е членка на српскиот ПЕН центар, позната граѓанска активистка против војните, феминистка, основачка и уредничка на книжевното списание „Профемина“. Учествуваше на „Струшките вечери на поезијата“ во 2020 година, на книжевниот фестивал „Друга приказна“ во Скопје во 2018 година, каде и победи на третиот натпревар „Овде паѓаат крупни зборови“. Лазиќ ја уредувала и библиотеката „Femina“ во издавачката куќа „Просвета“ како и библиотеката „Претходнички“ во „Народна книга“. Коавторка е на книгата со есеи, антивоената преписка „Ветерот оди на југ и се свртува кон север“ (1994), заедно со Билјана Јовановиќ, Рада Ивековиќ  и Маруша Кресе. Книга сведоштво за женското пријателство и мотивација за поинаков, мировен и антивоен дискурс во годините на распадот на Југославија.