Сквернавење на гробот на Стале Попов и Бранка Поповска во Бутел

Четири лица се осомничени за тешка кражба и сквернавење на гробот на починатите Стале Попов и Бранка Поповска на гробиштата во Бутел.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје повел постапка против лицата и до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за сите.
Осомничените, на 17 септември, влегле на градските гробишта во Бутел, дошле до алејата на заслужни граѓани и со употреба на физичка сила успеале да ја откорнат и турнат бронзената биста со два човечки лика во седечка положба од платформата на гробот на починатите Стале Попов и Бранка Поповска.
Бистата била зацврстена со анкери, при што тие ја разурнале и оштетиле самата платформа на гробот и го осквернавиле гробното место.
Откако бистата ја собориле на земја, ја влечеле се до жичената ограда каде претходно направиле отвор и преку отворот ја префрлиле бистата и ја натовариле во автомобил, со намера да ја присвојат. Проценетата вредност на бистата во сопственост на наследничка на починатите изнесува околу 320.000 денари.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени.
Стале Попов е македонски раскажувач и романсиер. Роден е во селото Мелница, Мариово.
Негов прв роман е „Крпен живот” (1953). Веднаш потоа напишал цела серија свои дела и станал еден од најплодните романсиери и раскажувачи на нашата македонска литература. Следната година го издал вториот дел од „Крпен живот”, како и „Опасна печалба” (1954). Две години подоцна го објавил романот „Толе Паша”, а потоа и „Калеш Анѓа” (1958), „Дилбер Стана” (1958), „Мариовскиот панаѓур” (1961), „Мариовски раскази” и „Итар Пејо” (раскази). Во ракопис оставил богато литературно наследство од необјавена проза (раскази и романи). „Шаќир војвода” (роман), „Необично дете” (роман), „Доктор Орешкоски” (роман) и две збирки раскази.