„Скутина, фута, бовча, диљка“ – мултимедијална изложба во Куманово
Според авторот, скутината е дел од традиционалната облека која е позната под различна локални имиња: фута, бовча, скутача и слично. Кон крајот на XIX век носијата била во својот полн сјај, карактеризирајќи се со слоевитост во облековните елементи и накитот. Фактот дека носијата е комплетна конструкција сочинета од низа облеки иницира давање акцент на секој засебно.
– Овој проект фрла светлина врз скутината. Првата визуелна средба меѓу носијата и гледачот го насочива гледачот секогаш да го сврти своето внимание на скутината, истакна авторот на проектот, Бојан Петковски.
Преку засебни паноа за атипични примери за носење на скутини се забележува и едукативниот карактер на проектот, посочува Петковски, чијашто соработка со Центарот за култура Трајко Прокопиев започна минатата година со организирање на семинар за традиционалната музика и игра.
– Од овој момент нашата соработка стана поинтензивна и институцијата стана побогата со уште еден уметник надворешен соработник од доменот на уметноста и науката, рече Дени Синадиновски, етнокореолог и промотор на изложбата. Говорејќи за авторот посочи дека Петковски со научно истражувачка дејност поврзана со традицијата започнал откако се запишал во средното образование, насока традиционална музика и игра. Петковски дипломирал на музичката академија во Штип, на катедрата за етнокореологија. Изложбата на фотографии од скутини во центарот за култура ќе биде поставена наредните две недели.
Проектот е поддржан од Министерството за култура за 2022 година.