СКРМ со предупредувачки протестен марш: Колективен договор сега!


Синдикатот на културата (СКРМ) на 8 октомври со почеток во 12 часот во Скопје ќе одржи протестен марш за нов Колективен договор во културата. Протестниот марш е последно предупредување пред најавениот штрајк.

СКРМ ги повикува сите вработени во културата, културни работници и останати, солидарно да се приклучат кон барањата за регулирање на работните односи во културата после цели 14 години откако е потпишан последниот колективен договор.

„Изминуваат 14 години од последниот општ колективен договор во културата. Четиринаесет години без јасно дефинирање и групирање на работни места во институциите, без правична валоризациjа на трудот во сите дејности, без прецизно поставување на критериумите за безбедност и здравје при работа, без додатоци од плата, теренски и службени дневници…Четиринаесет години без достоинствени плати за сите вработени“, информираат од СКРМ.

Маршот ќе започне од паркот Ибни Пајко (во кругот на НОБ, Филхармонија и Даут Пашин Амам), ќе продолжи кон зградата на Владата и ќе заврши пред Министерството за култура.

СКРМ ги повикува културните работници да напуштат своите работни места за миг и да излезат на улица за своите права.

„Да не дозволиме уште едно ветување да не биде исполнето и да влеземе во уште една година без потпишан Колективен договор. Да излеземе масовно и да испратиме порака дека бараме колективен сега!“, стои во најавата за протестниот марш.