СКРМ бара ревизија за порамнувањето на платите


Советот на Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ) од Министерството за култура бара ревизија на спроведеното порамнување на платите со вклучување нивни претставници, итно усвојување на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата и потпишување колективен договор до 30 септември кој ќе почне да се спроведува од 1 јануари 2020 година.
Целта е да се реши проблемот со работните односи и платите во областа на културата кој, како што наведува, егзистира веќе една и пол деценија. Доколку трите барања не им бидат исполнети, СКРМ најави генерален штрајк во културата од 1 октомври 2019.
– Кај вработените од културата постои незадоволство поради многу неправилности во процесот на спроведување на нивелацијата на платите, како што е неоснованото покачување на коефициенти на сложеност кај одредени работни места што не се утврдени претходно, па дури и менување на називот на работните места за индивидуален профит – соопшти Синдикатот чиј совет во четвртокот одржал состанок за состојбата во културата и за динамиката на најавените реформи во секторот.
Нивното членство е незадоволно и од тоа што сè уште не е усвоен новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата и, како што посочува, е во процес на „тромава“ подготовка речиси две години.
– Законот требаше да биде усвоен одамна и со него очекуваме да се решат многу проблеми во работниот однос со што ќе се постави солидна правна основа за потпишување нов општ колективен договор во културата. Потсетуваме дека поради отсуството на колективен договор, речиси 15 години работните односи се нерегулирани, а културата е школски пример за газење на правата на сите вработени од страна на државата – пишува во соопштението на СКРМ, кој оценува дека уметниците и културните работници во изминатите две години станале жртва на партиско-коалициски пазари, на што се должи и продлабочувањето наместо решавање на децениските проблеми.
Реагирајќи на барањата на Синдикатот на културните работници на Македонија (СКРМ), Министерството за култура соопшти дека активно и засилено работи на текстот на новиот закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и на колективниот договор што ќе произлезе од тој закон.

Во допис до медиумите Министерството посочува дека работи транспарентно на новата норматива повеќе од една година со јавни дебати и со вклученост на сите чинители во културата, вклучувајќи претставници од СКРМ во работните тела за изработка на законот и на колективниот договор за култура. Релевантни фактори, како што наведува, меѓу кои беа и репрезентативните синдикати од областа на културата, учествувале и во неодамнешниот процес на нивелација на платите.

-Во оваа смисла, а во врска со соопштението на Синдикатот на културни работници на Македонија (СКРМ) во кое се бара ревизија на спроведената нивелација со вклучување на претставници на СКРМ, итно усвојување на новиот Закон за остварување на јавниот интерес во културата, како и потпишување на колективен договор до 30 септември 2019 година, Министерството за култура информира дека ги почитува барањата од културната јавност и од СКРМ и дека во заедничка спрега со институционалната култура, со граѓанските здруженија и поединци од областа на културата како и со репрезентативните синдикати во културата посветено работи за донесување правна рамка и колективен договор со коишто ќе се решат покрај другите отворени прашања како финансирањето на јавниот интерес во културата, така и негативните состојби со платите и ќе се регулираат сите досега отворени прашања во врска со работниот однос на вработените во културата, пишува во соопштението.

Министерството за култура посочува и дека за него е прифатлив побараниот рок од СКРМ за потпишување на колективен договор до 30 септември 2019 година со почеток на спроведување од 1 јануари 2020 година. -Затоа искажуваме уверување дека со сите засегнати страни како и со СКРМ, ќе работиме подеднакво посветено, конструктивно и ангажирано во постигнување на заедничката цел, подобри услови за работа во сферата на културата во Република Северна Македонија, додава Министерството.