Скопските булевари добија нов асфалт

Фото: Б. Грданоски

 

Деновиве интензивно се завршуваат градежните работи на повеќе булевари во главниот град, по летната инвазија за реконструкција на коловозите. Меѓу последните завршени беше улицата „Индира Ганди“ која е обновена по должина од 1.100 метри, на потегот од крстосницата со улицата „Босна и Херцеговина“ и булеварот „Словенија“ до улицата „Бутелски венец“. Во текот на изминатиов месец на оваа сообраќајница беше отстранет стариот и оштетен асфалт и беше нанесен нов асфалтен слој. Во тек е уредувањето на пешачките патеки.

Со ноќно бележење на сообраќајна сигнализација целосно заврши реконструкцијата на булеварот „Кочо Рацин“ во Општина Центар, една од најфреквентните улици во централното градско подрачје.

Фото: Б. Грданоски

Екипите на Град Скопје работеа со засилено темпо на реконструкција на булеварот и со градежни активности во текот на вечерните часови со цел избегнување на сообраќаен метеж, а целосната реконструкција заврши во најбрз можен рок, односно за 40 дена.

Во истовреме заврши и реконструкцијата на булеварот „Крсте Мисирков“ кај Бит-пазар во Општина Чаир.

Со реконструкцијата на улицата „Андон Димитров“ во Драчево, во март, почна обновувањето на речиси сите булевари низ градот. Следуваа булеварот АСНОМ, дел од булеварот „Партизански одреди“, „Февруарски поход“, „Лазар Личеноски“, „Димитрија Чуповски“, „Ѓорче Петров“, „Брадфордска“, „Московска“, „Босна и Херцеговина“, „Христијан Тодоровски – Карпош“, булеварот „Кочо Рацин“, на потегот од булеварот „Кузман Јосифовски – Питу“ до улицата „Свети Кирил и Методиј“.

Во моментот се работи на булеварот „Србија“ од мостот `Близнак` кон излезот од градот, каде постојано има метеж од возила, затоа што привремената сигнализација го стеснува протокот на една лента. Во близина се работи и на булеварот „АСНОМ“ кој од двете страни е ограден со мека мрежа, а привремена сигнализација не дозволува побрз сообраќај.

Фото: Б. Грданоски

Град Скопје продолжува со интензивните градежни активности за реконструкција на градските улици и булевари во рекордно кратки рокови, а граѓаните добиваат квалитетни и безбедни сообраќајници, стои во речиси секое соопштение од Градот.

По обновувањето на булеварите, она што коментираат граѓаните е дека се забележува оти асфалтот е од покрупен гранулат, што можеби е и со оправдани причини, кога се работи за булевари на кои е ограничена брзината на движење. Инаку, при најновото обновување на коловозите забележително беше што дел од работите, особено бележењето на сообраќајната сигнализација се изведуваше ноќе, кога има помал интензитет на сообраќај. Сепак, на најкритичните точки околу центарот на градот, особено на крстосниците кај Црвен крст и кај „Мавровка“ тој метеж не можеше во целост да се избегне.

Покрај секојдневните известувања од Центарот за упавување со кризи на Скопје постирани на Фејсбук страницата на Град Скопје, по кои булевари има метеж, некои од возачите остануваа неинформирани, па заглавуваа во сообраќај.

Фото: Б. Грданоски

Во четвртокот, на пример, дел од оние кои се враќаа од работа околу 16 часот, реагираа дека улицата покрај Зелен пазар, која се протега кон Црвен крст била затворена, па морале да кружат, сепак, до петокот наутро, работите на неа завршија и таа беше пуштена за сообраќај.

Реконструкцијата на булеварите доведе и до многу често пренасочување на автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие, а беа затворани и некои постојки, кои само беа одминувани од автобусите.

Фото: Б. Грданоски

Оние кои преку летото останаа во главниот град се соочија со проблеми во сообраќајот, но ако сега се вози по рамни булевари на кои асфалтот не изгледа како разбранувано езеро, а шахтите се добро нивелирани, веројатно сите ќе заборават на летните нервози.

Билјана Богдановска