Скопска премиера на претставата „Несоодветно за на работа“ на МОТ
Претставата „Несоодветно за на работа“ во изведба на Драмски театар вечерва ќе ја има својата скопска премиера во рамките на 44. издание на Младинскиот отворен театар (МОТ). Претставата е по текст на британската авторка Луси Кирквуд, а во режија на холивудскиот актер Доналд В. Мофет. Премиерната изведба ќе биде на сцената на Драмски театар со почеток во 20 часот, а првата реприза ќе биде во сабота на 21 септември.
Претставата премиерно беше изведена на фестивалот „Охридско лето“ на 27 јули во Центарот за култура „Григор Прличев“.
Лесна и приемчива театарска претстава, но со повеќеслоен текст кој во себе крие приказни и отвора многу прашања. „Несоодветно за на работа“ покажува колку малите луѓе можат да бидат ставени во позиција да немаат избор и како човекот живее во свет во кој се обидува да негува надеж дека, сепак, има нешто што не е на продажба.
Преку текстот се актуелизира родова тема преку критички став за објективизацијата на женското тело и борбата за надмоќ.
Современата британска драматургија е карактеристична по отвореноста кон различните тематски дискурси, и без исклучок инсистира на тематска поврзаност со актуелни општествени прашања и превирања. Тематското покривање на проблемите и прашањата на маргинализираните општествени групи во современиот театар е сеприсутно од повеќе причини, потребата од општествено ангажиран театар кој има за цел да поттикне на размислување и да провоцира јавно мислење и став за прашања блиски до маргинизираните општествени групи.
Авторката на драмскиот текст „Несоодветно за на работа“, Луси Кирквуд, е претставничка на современата британска драматургија. Во ова дело се истакнува, критикува и потенцира присутноста на објективизацијата на женското тело и жената воопшто, генерациски проблем со кој се соочува женската популација.
Драмскиот текст „Несоодветно за на работа“ е напишан во 2012 година, а е праизведен во „Ројал корт театар“.
Мофет е еден од основачите на „Римеинс театар ансамбл“ во Чикаго, каде што учествува како актер, режисер и/или продуцент во над 40 претстави. Вниманието на јавноста првпат го привлекува настапувајќи во драмата на Лери Кремер „Нормално срце“ во њујоршкиот „Паблик театар“. Подоцна се појавува на Бродвеј во „Момци на зимата“ и „Вистинското нешто“, како и продукцијата на „Крајот на денот“ од Џон Робин Бејтс.
Улогите во претставата ги толкуваат Ирена Ристиќ, Сања Арсовска, Игор Ангелов, Зоран Љутков, Дамјан Цветановски и Стефан Вуисиќ. Сценограф е Константин Трпеновски, а костимограф Александар Ношпал.