Скопје танцовиот театар ќе гостува во Националниот театар „Шајо“ во Париз
– Имаме привилегија и чест да настапиме во таа сезона. Преговорите околу настапот се во тек. Ние бевме таму ги видовме сцените кои се навистина извонредни. Театарот е позициониран спроти Ајфеловата кула и се смета за еден од најзначајните театри во Франција и на светско ниво. Во него гостуваат многу светски реномирани танцови компании. Скопје танцовиот театар доби покана за гостување за само осум години постоење, што е огромно признание и успех за нас и нашата држава и е поттик да продолжиме со работењето, рече на прес-конференција кореографот и уметнички директор на Скопје танцовиот театар, Рисима Рисимкин.
Посочи дека тој континуитет кој со години го имаат во соработката со Францускиот институт, Француската амбасада и француските уметници доведува до една интерактивност за да може нашата држава да се претставува надвор, нашите продукти да ги пласираат надвор и да бидат во друштво во елитни уметници на светско ниво.
– Во јануари ќе биде отпечатена програмата за следната сезона и овој успех што сега го доживуваме да бидеме поканети во Националниот театар за современ танц „Шајо“ значи дека државава ќе биде презентирана цела година пред нашето гостување, истакна Рисимкин.
Додаде дека едната сцена во театарот има 1.200 седишта, а другата сцена има 500 седишта, а на двете сцени годишно се одржуваат повеќе од 260 претстави.
Директорот на Францускиот институт и советник за култура во Француската амбасада, Емануел Рембер истакна дека гостувањето на Скопје танцовиот театар во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз е резултат на речиси 20-годишната соработка.
– Како што истакна Рисима, ова е резултат на дваесетгодишна соработка, која е навистина извонредна и успешно трае во континуитет. Изборот Скопје танцовиот театар да гостува во „Шајо“ со своја претстава е на некој начин крунисување и негов златен медал. Големи пофалби. Француската амбасада секако ќе биде тука и понатаму да ја дава потребната поддршка, потенцира Рембер.
Одговарајќи на новинарско прашање Рисимкин рече дека во јануари кога ќе го потпишат договорот ќе се знае датумот кога ќе настапат.
– Театарот ни остава нам ние да избереме како ќе се презентираме. Рембер ја виде последната наша претстава „Идентитети“ и смета дека нашето ниво е задоволувачко што за нас е огромна потврда. Во јануари ќе се знае колку претстави ќе играме, минимум две претстави треба да играме. Ќе биде една програма која може да се повтори повеќе пати. Огромен успех е да се биде дел од програмата на Националниот театар за современ танц „Шајо“, додаде Рисимкин.
Театрот „Шајо“ е изграден во 1878 година за светската ЕКСПО изложба. Во 1920 година е прогласен за Национален театар во Франција, и првпат на светско ниво еден театар добива предзнак национален. Во 1948 станува седиште на ОН, кога е потпишана Универзалната повелба за човекови прави на ОН. Овој театар е еден од најпрестижните културни места во светот за современ танц, на ниво на Метрополитен операта во Њујорк. Во театрот во кој се гостува исклучиво по покана, гостуваат најпрестижни светски компании и имиња како Пина Бауш танцовата компанија, Филип Декуфле, Охад Нахрин и Батшева танцова комапнија, Мерси Кенингем танцовата компанија, Кралскиот балет од Лондон, Париската опера и други.
Скопје танцовиот театар е основан во 2011 година и за период од осум години се претстави на престижни сцени и фестивали во Европа, САД и Кина. Минатата година, единствената домашна современа танцова компанија имаше привилегија да гостува на „Holland Dance Festival“ во Хаг, на „Battery Dance Festival“ во Њујорк, и на сцените во Пекинг.