Скопје со овации го пречека документарецот за Силјан штркот на Тамара Котевска


Десетминутни овации на публиката, салата во МНТ исполнета до последното столче и тишина што владееше за време на проекцијата. Присуство на целата филмска екипа која работеше на еден од најдобрите документарни филмови во македонската кинематографи (и главните протагонисти Никола Цонев, Јана Цонева, Александар Цонев, Александра Цонева и Јана Цонева од кочанското село Чешиново), но и на државниот врв, кој стана незаобиколен декор на важни гала случувања. 

Вака Скопје ја пречека македонската премиера на македонскиот кандидат за Оскар, „Приказната за Силјан“ од Тамара Котевска, откупен од страна на National Geographic. Филмот досега доби голем број значајни и релевантни награди и номинации на фестивалот во Венеција, NYDOC, IDA, Spirit, PGA Award, Eye Cinema Audience Award и други.

„Приказната за Силјан” е филм за издржливоста, грижата и малите дела кои менуваат животи. Земјоделецот Николa случајно наоѓа ранет бел штрк на депонија и решава да му помогне. Нивниот кревок, полека граден однос со доверба се претвора во спасоносна врска која му ја враќа смислата на Никола, ги обновува врските со заедницата и ги буди старите преданија и односот кон природата. 

По проекцијата, обраќањето на Тамара синоќа беше логичен епилог на сè што публиката го почувствува.

„Не можам да ја опишам возбудата која ја чувствуваме сите тука вечерва. Без разлика каде бев, не постои чувство што ќе ми го замени овој настан, пред домашната публика. Ова е мојата најголема гордост!

Овој филм настана без идеја дека ќе стигне толку далеку и настана за нашата публика. Мило ми е што го виде светот, но повеќе од сè ми е мило што го видовте денес сите, што допрва ќе го гледа цела Македонија, бидејќи планираме да има премиери и проекции низ цела Македонија, во секој град, бидејќи сметам дека луѓето од помалите места и те како заслужуваат да го видат овој филм и воопшто да гледаат филмови, а немаат можност.

Луѓето како Никола и неговата фамилија ми даваат смисла на животот и зошто правам приказни за нив. Сметам дека приказните, особено од подлабоките места во Македонија, од поскриените места, ми се особено драги да ги испромовирам и да бидам едноставно дел од сето тоа и дел од тие светови кои што делуваат заборавени, но всушност се суштината на нашата култура и на нашиот свет и некако нè држат сите, ни ги држат корените на сите.

Особено сум горда на оваа екипа која што се бореше од почеток до крај без никакви финансии голем дел од времето. Многу подоцна дојдоа финансии, и вакви луѓе навистина заслужуваат буквално сè.

Сакам да пратам и поздрав до кинематографот Жан Дакар, кој што мораше да лета за Америка, моментално е на Cinema Eye Honors, каде што јас не можам да отидам бидејќи сум тука.

И за крај, посакувам некои работи кои што ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но исто така посакувам некои други да не се сменат никогаш! рече синоќа режисерката Тамара Котевска. 

„Приказната за Силјан“ не влезе во потесниот избор за номинација за Оскарите, ниту во категоријата за Најдобар странски филм, каде беше македонски кандидат, ниту за Најдобар документарец. На 28 ноември ја имаше американската кинопремиера во Њујорк.

Филмот од 15 јануари ќе се прикажува во скопското кино Синеплекс, а потоа и низ Македонија.

„Врв ми беше кога ‘Нешнл џиографик’ го купи „Силјан“: Тамара Котевска за прекинатиот лет до Оскарите