Скопје преполно со исушени дрвја, брезите ги снемува


Фото: Б. Грданоски - Исушено дрво спроти „Веро“ Центар

И покрај тоа што имавме врнежливо лето, на повеќе места низ Скопје, може да се забележат исушени дрвја, кои претставуваат и опасност за минувачите, затоа што се наоѓат покрај фреквентни тротоари, улици или влезови во државни објекти. Некои од нив се високи и по триесетина метри.

Доколку само прошетате по центарот на Скопје, суви дрвја може да забележите во паркот кај Собранието од страната на Дом на АРМ, по должина на улица „Македонија“, на плоштадот „Македонија“, потоа неколку високи суви дрвја во паркот „Жена борец“.

Фото: Б. Грданоски – Суво дрво во паркот „Жена борец“

Понатаму, големо суво дрво стои пред зградата на Црвениот крст, а ако влезете во уличката кај Фондот за здравство, дрворедот е прошаран со исушени дрвја. Безживотни дрвја без лисја жално стојат и во паркчето пред болницата „Св. Наум Охридски“. На „Рекорд“ во близина на Министерството за правда има неколку исушени дрвја.

Оваа ситуација се пресликува и во неколку скопски населби, па суви дрвја се заблежуваат и по должината на булеварот „Јане Сандански“ во Аеродром, а ако се навлезе меѓу зградите уште и повеќе. И околу фонтаната во Градскиот парк има суви жални врби. Во Општина Карпош се забележува дека стеблата на сувите дрвја се обележани со црвена боја, што значи дека се планира нивно сечење.

Забележливо е дека најмногу страдаат брезите. Десетици и десетици брези се исушени низ цело Скопје.

„Сушењето на дрвјата во Скопје се случува повеќе години наназад и не е појава која е присутна само годинава. Иако оваа година имаше врнежи, последниве години имавме многу сушни лета што придонесе за значително опаѓање на нивото на подземните води, што негативно се одрази на дрвјата“, велат за „Независен“ од Град Скопје.

Брезите може да ги снема од Скопје

Климатските промени особено негативно се одразиле на брезите во градот.

„Брезата е дрво од сибирски вид кое бара многу вода а сегашните граници на јужниот ареал на брезите се Македонија и Јужна Србија. Доколку и понатаму продолжат сушните периоди не е исклучено тој ареал да се помести погоре на север и ова дрво да не може да вирее и опстане на нашево подрачје“, велат од Град Скопје.

Фото: Б. Грданоски – Исушена врба во парк

ЈП „Паркови и зеленило“ во рамките на своите редовни активности врши сечење и отстранување на сувите дрвја во градот по Решенија издадени од страна на Секторот за комунални работи на Град Скопје.

„Нашето претпријатие е во секојдневна комуникација и координација со градските служби за навремено отстранување на сувите и опасни дрвја и избегнување на несакани последици во случај на невреме. Често за исушените дрвја добиваме информации и барања од страна на граѓаните кои со заедничка соработка ги решаваме“, велат од таму.

Фото: Б. Грданоски – Исечени дрвја во есенската акција 2019 г.

Акции за отсранување на сувите дрвја низ градот плански се спороведуваат, но екипите на „Паркови и зеленило“ интервенираат и по барање на граѓаните.

Граѓаните пријавуваат, надлежните доцнат по две години

Сепак, по социјалните мрежи може да се најдат бројни поплаки од граѓани кои поднеле барање за да се пресече некое суво дрво, кое е во паркчето близу зградата каде играат деца или суви дрвја во близина на зградите, кои ако паднат би искршиле прозорци, а надлежните со години, велат, не доаѓаат.

„Во Ново Лисиче на ‘В.С-Бато’ бр. 65 две години стојат обележани од страна на ‘Паркови и зеленило’ за сечење две суви дрва и никако да дојдат на ред. Кај и да е ќе се срушат врз некоја кола па ќе плаќате оштета“, стои во објавата на еден корисник на социјалните мрежи.

„Откако ќе паднат дрвјата, тогаш ќе дојдат екипи од ‘Паркови и зеленило’“, пишува друг под објавата на Град Скопје, дека ќе се сечат две дрвја на улицата „Даме Груев“. Трет им порачува: „Кога сте веќе тука, исечете ги и сувите гранки кои удираат по прозорците“.

Од Град Скопје нагласуваат дека иако се сечат сувите дрвја во градот, секоја година напролет и наесен се реализираат акции за садење нови садници и секогаш се садат речиси двојно повеќе отколку што се сечат.  (Б.Б.)