(Фото) Снежна Македонија
Утрово во поголем дел од Македонија се формираше и снежна покривка, а врнежи од снег имаше и во Скопје и околината
Снежен бран во текот на ноќта и утрово ја зафати речиси целата територија на државата, предизвикувајќи проблеми за возачите, но истовремено и радост за најмладите. Утрово во поголем дел од Македонија се формираше и снежна покривка, а врнежи од снег имаше и во Скопје и околината. Врнежите повремено се пообилни, а дува и северен ветер кој повремено засилува на интензитет.
Како што јави УХМР, највисока снежна покривка во 7 часот е измерена во Маврови Анови, 28 сантиметри, а во Крушево 27 сантиметри. На Попова Шапка снежната покривка е 18 сантиметри, во Лазарополе 15, во Тетово 10, во Куманово девет, а во Тополчани осум сантиметри. Во Берово и Битола има пет сантиметри снег, во Крива Паланка четири, а во Скопје-Петровец е измерен еден сантиметар снежна покривка.
Еве како е во Крушево:

Од Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта велат дека во изминатото деноноќие активно работеле на одржување на безбедноста во сообраќајот и патниот сообраќај во државата се одвива непречено.

„Сите расположливи капацитети и сета механизација е ставена во функција насекаде во Македонија со цел навремено расчистување на снегот“, се вели во соопштението на „Македонија пат“ од каде што додаваат дека нивните екипит остануваат на терен и апелираат возачите да го прилагодат управувањето со своите возила согласно условите на патот.
Од разните делови на земјата стигнуваат и иинформации каква е состојбата на теренот.
Еве како е во Пехчево:

Снежна покривка од петнаесетина сантиметри има на Голак, при што се расчистуваат патиштата во Делчевско, а фокусот е ставен на расчистување на патот до туристичкиот центар Голак.

И во Кавадарци се работи со полн капацитет, снегот се отстранува и се одржува проодноста на патиштата, информира денеска кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
„Зимската служба на Општина Кавадарци работи со полн капацитет, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот во зимски услови. Во моментов механизацијата е ангажирана на расчистување на патниот правец кон Бошавијата и горните села, каде што се работи на отстранување на снегот и одржување на проодноста на патиштата – појасни градоначалникот.
Тој истакна дека екипите и механизацијата се на терен и продолжуваат со активностите согласно временските услови и потребите.

– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно и да ја прилагодат брзината на условите на патот – потенцираше Јанчев.
Во Прилеп снегот не се задржа на улиците:

Од објавите на социјалните мрежи, се чини дека Битола е еден од градовите каде што снегот „режираше“ своевидна зимска бајка, иако зимата календарски уште не е стасана.
Екипи на ЈП „Солидарност“ од Виница денеска уште од раните утрински часови излегоа на терен и се уште работат на расчистување на снегот во повисоките населени места на територијата на Општината, каде веќе има снежни наноси.

На интернет страницата Славчометео, се вели дека по снежниот бран кој зафати најголем дел од Македонија викендов, во текот на новата работна седмица ќе бидеме под влијание на силен поларен антициклон (поле со висок воздушен притисок) кое ќе ни донесе екстремен и сув студ насекаде во Македонија.
Наутро температурите во Македонија ќе се спуштаат во интервалот од -16 до -5 степени, а локално дури и под -20 степени.