Скопје празнува! Дополнителен превоз и крводарителска акција на Матка за Голема Богородица


По повод празникот Успение на Пресвета Богородица – Голема Богородица, денеска, 28 август, во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Долна Матка ќе се одбележи манастирската слава, а за верниците и посетителите е обезбеден дополнителен превоз.

Покрај редовната автобуска линија број 60, по потреба ќе сообраќа и дополнителен автобус до Полициската станица Матка. Оттаму, посетителите ќе бидат превезувани со минибус до најблиската пристапна точка до манастирот.

Од сестринството на манастирот ги повикуваат верниците да се придружат на празничното одбележување.

„Со љубов ве очекуваме да ја споделиме празничната радост, литургиски, со соборна молитва и мир. Нека благословот на Пресвета Богородица биде со сите нас. На многаја лета!“ – посочуваат од сестринството.

Во рамки на одбележувањето, Црвениот крст на РСМ – Општинска организација Карпош, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, организира и традиционална крводарителска акција.

Акцијата се одржува во два термини – на 27 август од 18:00 до 00:00 часот и денеска, 28 август, од 10:00 до 16:00 часот.

Организаторите ги повикуваат граѓаните да се приклучат и со доброволно дарување крв да помогнат во спасување човечки живот.

Дарувај крв. Спаси живот!