Скопје подготвено за историската посета: Папата во градот на Мајка Тереза
Со апел најголемиот христијански празник Велигден да го славиме заедно, папата Франциск ја напушти Бугарија. Денеска тој ќе пристигне во еднодневна посета на нашата земја. Градските и државните власти уверуваат дека се подготвени за дочекот на поглаварот на Католичката црква што ќе биде пренесуван низ целиот свет. Предвидени се низа мерки што ќе го блокираат Скопје, но ќе им пружат максимална сигурност на папата и на петнаесетина илјади гости, колку што се очекува да бидат присутни на свечената литургија на плоштадот „Македонија“. Владата прогласи неработен ден во главниот град, а ќе работат само градинките.
„Ако ги споиме нашите раце врз неговите рани и ако ја признаеме нашата несовршеност и кажеме дека Исус воскреснал, можеби би можеле еден ден заедно да пријдеме до олтарот“, порача папата Франциск по средбата со патријархот Неофит.Првиот ден од посетата на Софија, Светиот Отец апелираше до Бугарите да ги отворат срцата и домовите за мигрантите, тема што воопшто не им се допаѓа на нашите источни соседи, поради што имаше и негативни коментари во тамошната јавност. Премиерот Бојкот Борисов одби да каже што му одговорил на папата на неговото барање.Веќе во 8:15 часот денеска, поглаварот на Католичката црква ќе слета на скопскиот аеродром.
„Сите граѓани ќе имаат непречено движење во градот, но сепак позабавено и согласно посебниот сообраќаен и безбедносен режим, кој е воведен поради посетата на папата. Оние кои живеат или работат во централното градско подрачје ќе имаат непречен пристап до своите домови и работни места. На оние што работат во центарот на градот им се препорачува да излезат половина час порано од вообичаеното за да стигнат навреме на работните места“, велат на „Илинденска“.
Јавното сообраќајно претпријатие соопшти дека од 5 до 19 часот, нивните автобуси ќе возат по посебен режим на сообраќај. Превозот е бесплатен, поради што се советува да не се возат автомобили, освен ако мора.
Од МВР повикаа граѓаните да имаат трпение со оглед на тоа дека улиците во централното градско подрачје ќе бидат затворени за сообраќај, како и да се почитуваат наредбите на полициските службеници. Голем број улици, а и целиот Голем ринг ќе бидат затворени.
Здравствените власти информираа дека денеска нема да дозволат паркирање во Клинички центар и информираат дека граѓаните кои имале закажано преглед за утре во „Мој термин“, ќе добијат порака за презакажување.
„Но, доколку некој од граѓаните сепак, не биде информиран за оваа промена и се упати кон Клиничкиот центар, секако ќе биде услужен“, велат од Министерството за здравство.
На централниот плоштад вчера беа поставени огради. Според протоколот, по свечениот дочек на аеродромот, папата ќе се упати во претседателската палата на Водно каде што ќе се сретне со шефот на државата Ѓорѓе Иванов, со премиерот Зоран Заев, како и со целокупниот државен врв, цивилното општество и дипломатскиот кор. Потоа, ќе ја посети Спомен-куќата на Мајка Тереза и ќе има состанок со лидерите на верските заедници и средба со сиромашните. Околу 11:30 часот е предвидена литургијата на плоштадот. Попладнето ќе има екуменска и меѓурелигиска средба со младите во дворот од катедралата „Пресвето срце Исусово“, како и со свештениците и богопосветените лица. Околу 18:30 часот ќе полета за Рим од аеродромот во Петровец.
На граѓаните што ќе бидат присутни на литургијата ќе им биде забрането да носат експлозивни направи, пиротехнички средства запалки, петарди, факли, „бенгалки“, потоа предмети погодни за повредување и самоповредување, храна и пијалаци во метална и стаклена амбалажа. Не се дозволени ниту сите видови алкохолни пијалаци и чадори, па ни транспаренти и големи знамиња. Организаторот препорачува храната која ќе се носи да е во хартиена кутија и да се носи мантил заради заштита од дожд ако евентуално заврне.
Додека Светиот Отец минува меѓу присутните, не е дозволено фрлање какви било предмети дури ни цвеќе, а во текот на литургиската прослава не е дозволено ракоплескање.
Промовирана поштенска марка
Во Собранието вчера беше промовирана поштенската марка „Прва посета на папа во Република Северна Македонија’.
Претседателот на Собранието Талат Џафери во обраќањето на промоцијата рече дека папата Франциск е познат по својата скромност и широкогледост, повикува на еднаквост, противник е на насилството и е прогресивен во своите ставови и ја поддржува евалуацијата, и токму затоа е широко прифатен од младите ширум светот и за нас е огромна чест што утре ќе бидеме негови домаќини.
„Ние, иако мали по територија и по број на жители, имаме што да понудиме во градењето на еден поубав свет за сите. Исклучителен пример за тоа е нашата Гонџа Бојаџиу, големата светица Мајка Тереза, која неуморно се даде себеси и сето свое битие за да ги утеши сиромашните, немоќните, болните“, рече Џафери.
Посака посетата на папата Франциск, како што рече, да биде охрабрување, за сите нас да бидеме подобри луѓе, потолерантни кон различните од нас, одговорни и посветени луѓе.
Ексклузивни вина за гостите од Ватикан
Папата Франциск за време на историската посета на земјава ќе биде послужуван со ексклузивни вина , од кои дел освоиле најпрестижни светски награди, како што е белото вино „р’кацители“, розе вино „розе алегро“, црвеното вино „аминта“ и десертното вино „роксана“. Најквалитетните вина на оваа винарница ќе се служат на свечениот ручек што ќе се организира во чест на папата Франциск, на кој ќе присуствуваат и кардинали, бискупи и други високи гости, но вината ќе се служат и на сите други свечени собири поврзани со посетата на папата на Скопје.
Горан Адамовски
Фото: Б. Грданоски