Скопје не може да спие од хормоналните возачи


Иритирачките звуци на мотоциклите и автомобилите што со голема брзина се движат по скопските булевари се секојдневје за скопјани. Бучавата што ја прават возилата, особено од туража при трки по улиците, носат задоволство само за оние неколкумина што се дрзнале да се мерат кој е побрз или повешт возач на мотор или автомобил. За сите други – тие се проблем.

– Живеам на седми кат во кулите спроти Олимписки базен. Бучавата од автомобили е константна. Не сопира ни во ноќните часови. На крстосницата кај Црвен крст постојано е метеж. Колоната возила стигнува и до мојата зграда, што е околу 200 метри. Покрај бучавата од возила има и нервозни возачи што свират. Како дома да ми се, се слуша. Особено гласно е во попладневните часови кога сите се враќаат од работа – вели Александар М. Додава дека ноќе неретко поминуваат мотори кои по булеварот возат со огромна брзина, а тоа прави неподнослива, вознемирувачка бучава.

Борбата на полицијата со ноќните тркачи како да не вродува со плод, па секоја година, особено во топлите месеци, постојано пристигнуваат поплаки од жителите чии куќи или станови гледаат кон булевар, чиј сон е оневозможен од бучавата од возилата.

Полицискиот билтен секојдневно е полн со вести за прекинати трки, за предупредени возачи, за сопрени возила кои ја надминуваат дозволената брзина на движење по булеварите, а токму тие предизвикуваат и зголемена бучава.

„Единицата и Одделот за безбедност при сообраќај спроведуваат акциски контроли и преземаат мерки кон лицата кои ја пречекоруваат дозволената брзина на движење на возилата, а доколку постои можност, тие се упатуваат и на вонреден технички преглед каде што се мери бучавоста на возилото. Доколку е повисока од дозволената, се презема соодветна мерка по Законот за возила“, велат од Министерството за внатрешни работи за „Независен весник“.

Законот за возила вели дека „униформираниот полициски службеник го упатува возилото на вонреден технички преглед и ги одзема регистарските таблички, доколку се сомнева дека: возилото не е технички исправно поради грешки на подвозјето или на уредите за управување или сопирање, доколку не ги исполнува пропишаните барања во поглед на емисијата на издувни гасови и бучавата и доколку возилото е толку оштетено, што не е способно за безбедно учество во сообраќајот на патиштата.

Вознемирувањето со бучава или со звук може да создаде сериозни проблеми по здравјето на луѓето, а влијае и врз работоспособноста на населението.

По дефиниција, вознемирувањето со бучава е онаа бучава што константно постои и секојдневната изложеност може да предизвика многу штетно влијание врз луѓето и врз животинскиот свет. Најчесто изворите на вознемирување со звук се предизвикани од фреквентните сообраќајници, но и од машините, возовите, авионите… Изложеноста на бучава може да предизвика анксиозност, стрес, но да има и сериозно влијание врз крвниот притисок, како и на различни начини да го наруши психофизичкото здравје.

Законското ограничување за дозволена бучава изнесува 78 децибели, а брзите возила во ноќните часови често можат да ги надминат и границите од 100 децибели, со што вознемируваат многу жители на главниот град. Полицијата често ги зголемуваа сообраќајните патроли и контроли во главниот град, во летните месеци. Сепак, во текот на изминатите четири дена во Скопје и околината се регистрирани 187 возачи кои се движеле со поголема брзина од дозволената со сообраќаен знак, што зборува дека преземените мерки не се доволни и дека треба нешто повеќе од контрола и поефективни казни.

Исклучени од сообраќај овој пат, како што соопштија денеска од СВР Скопје, по преземените мерки и активности од областа на сообраќајот се вкупно 76 возачи. Од нив 24 управувале под дејство на алкохол, а дури 45 воопшто немале возачка дозвола. Со истечена важност на сообраќајната дозвола биле 35 и исто толку нерегистрирани.

Граѓаните на Скопје коишто секојдневно се движат по коловозите, без разлика дали со автомобил, велосипед, автобус или пеш, се свесни за екстремно ниското ниво на сообраќајна култура во главниот град, за големиот број прекршоци што ги прават учесниците во сообраќајот и лошата патна инфраструктура. Брзото возење не само што ги вознемирува жителите на градот, туку и честопати предизвикува сериозни сообраќајни инциденти, во кои има повредени и жртви. Останува преку кампањи и проекти, со заеднички напор на надлежните институции, да се работи на зголемување на безбедноста на сообраќајот, но и полицијата треба редовно и совесно да постапува за главниот град да може мирно да спие.

Женева воведува радари за бучава и казни!

Додека кај нас, во 21 век и натаму се одржуваат улични трки и се вознемирува населението од бучавата на автомобилите и моторите преку ден и во ноќните часови, во Женева ќе се „ловат“ автомобилите кои прават бучава. Женевското градско собрание има намера да прогласи задолжително дозволено ниво на бучава за автомобилите, мотоциклите и камионите во градското подрачје.

Активистите ги повикуваат градските власти да ја ограничат бучавата на 80 децибели, што отприлика е ниво на гласност која ја произведува машината за перење на алишта. Дефин Клопфенстајн од партијата на зелените смета дека радарските уреди кои ќе регистрираат бучава и ќе го фатат проблематичното возило, сепак, не треба да бидат скапи.

Покрај Женева, уште неколку европски градови се борат против преголемата бучава во сообраќајот, а тоа го забрануваат со ограничување на брзината, ставање мек асфалт и забрана за „турирање“ на автомобилите.

Билјана Богдановска