Скопје како Њујорк : Хитовите на Френк Синатра го преполнија НОБ (галерија)


Фото: М. Аргакијева

Со урбана публика, хитови на Френк Синатра, врвна музика и носталгичен амбиент, Скопје за  празниците „Св. Трифун и Св. Валентин , наликуваше на Њујорк. Убава завршница во ноќта со песните кои ја одбележија музичката историја „Come fly with me“, „Fly me to the moon“ и „New York, New York“, во изведба на џез вокалистот Џон Илија Апелгрен и Националниот џез оркестар, под диригентската палка на темпераментниот Џијан Емин. 

„Иако звучи можеби чудно, но до сега кај нас не се памети да имало концерт кој е посветен на Френк Синатра, можеби во помали состави, но не со биг бенд. Имајќи предвид дека тој е еден од најголемите пејачки имиња на 20 век, човек со над 1200 снимени композиции, од кои некои и по неколку пати, со над 150 милиони продадени плочи, еден од оние кои најуспешно го популаризираа џезот и го донесоа во домовите преку плочи и радиото и на оние кои не посетуваат џез клубови, сметам дека токму сега беше право време. Денот на вљубените и те како одговараше за еден ваков концерт. Од претходното мое искуство знам дека кога имам најавено настапи во кои ќе исполнувам дел од репертоарот на Френк Синатра интересот е огромен, но ете сега за прв пат со целовечерен концерт и тоа со националниот џез оркестар. Со поддршката која ја има џез оркестарот од Националната опера и балет, обезбеден е простор за проби и концертот ќе се одржи во оваа установа. Особено ни е драго дека билетите се распродадоа во рекорден рок што само потврди дека сме направиле одличен избор на програмата“, ќе изјави Апелгрин пред концертот, поддржан од генералниот спонзор Комерцијална банка АД Скопје. 

Со бурен аплауз беше поздравена секоја изведба од 17 композиции. Концертот започна со хитот „Basie – Straight Аhead“,  а  заврши со „New York, New York“, за која Апелгрен потенцираше дека асоцира на него и музички го одбележала на македонската сцена. Тој како што откри за првпат ја испеал пред цели 34 години со Ревискиот оркестар на Радио Скопје.

Пејачот со кадифен глас, кој прв пат го видовме со брада, ги најавуваше нумерите и музичарите во текот на концертот, истовремено даваше и објаснување за историјатот на секоја песна, а прекрасниот хит  „ Something Stupid“ која имаше и верзија со Роби Вилијамс и Никол Кидман, тој ја изведе заедно со Јана Трпкова. Најубавата песна „My Way“, Апелгрен не ја испеа, туку со оваа песна публиката беше испратена од салата на Националната опера и балет, во фон, со гласот на Френк Синатра. Убавата атмосфера на концертот беше надополнета со видеобимот, како и со кореографија на солистите на Националната опера и балет. (Л.С.)

Фото: Маја Аргакијева

Фото: М. Аргакијева