Скопје го одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето
Денеска се одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје во Втората светска војна.
На 13 ноември 1944 година, борците од 42. и 50. Народнослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичка окупација.
По неколкудневните тешки борби со припадниците на 22-та Гренадиска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“, која беше распоредена пред Качаничката Клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.
По повод одбележувањето на 13 Ноември, борците од Народноослободителната антифашистичка војна ќе имаат средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
По средбата предвидено е делегациите да положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел и на вечното почивалиште на генерал Михајло Апостолски во Алејата на заслужни граѓани. Делегациите ќе положат цвеќе и пред Споменикот на ослободителите на Скопје, пред Владата на Република Северна Македонија.
Во Филхармонија на Република Северна Македонија вечер ќе биде доделена и наградата „13 Ноември“. Од областа на науката добитници се: проф. д-р Денко Малески и д-р. Емил Нијами, автор, лектор и преведувач. Во образованието и воспитанието добитник е проф. д-р. Мишо Докмановиќ, а во публицистиката Слободан Петровиќ. Од областа на културата добитници се: Ирена Колиштрковска-Настева и Лилјана Пандева, писател, поет, прозаист, од областа на уметноста добитник е Емилија Џипунова.
Од областа на здравствената заштита награден е тимот за имунизација од КОВИД-19 при Здравствениот дом – Скопје и медицински тим на доктори кои ја изведоа првата операција во Република Северна Македонија, имплантација на вагус нерв стимулатор, кај пациент со епилепсија отпорен на лекови.
Од областа на меѓународна награда добитник е Раде Шербеџија. Од ученици и студенти добитници се: Сандра Недановска, од правни лица Институтот за македонска литература – Скопје и Основното училиште „Кирил и Методиј“ од село Стајковци, Општина Гази Баба.