Скопјани стигнаа на работа и без автобусите на ЈСП, метеж во градот

На постојките го нема стандардниот метеж, затоа што речиси сите знаат дека автобусите на ЈСП „Скопје“, нема да дојдат


Фото: Б. Грданоски

Скопје утринава прв пат е без јавен градски превоз, односно возат само приватните автобуси, кои не ги покриваат сите линии. Граѓаните подготвени за ваквата ситуација седнаа во автомобили, што пак, речиси ги блокира улиците.

Сепак, нервозата изостана кај оние кои се обидуваа да стигнат до работа, до училиште, на факултат. Сообраќајот се одвива споро, но тече.

На постојките го нема стандардниот метеж, затоа што речиси сите знаат дека автобусите на ЈСП „Скопје“, нема да дојдат. Како што кажавме работат само приватните превозници, па во нивните автобуси има повеќе патници. Но, сите како да имаат трпение. Возачите не викаат по луѓето, тие пак, наоѓаат место како умеат, без да викаат по другите сопатници. Вчера, кога автобусите на ЈСП беа повлечени од сообраќај утрото поради дојава за бомба, хаосото во приватните автобуси беше поголем, а нервозата изразена.

Дел од оние кои се возеа во автобус, преку телефон ги критикуваа своите колеги кои не нашле решение, како навреме да стигнат на работа.

Фото: Б. Грданоски

– Зошто тргнувате во 7.30 часот за да стигнете на работа во 8 часот? Ако слушавте вести внимателно, ќе знаевте дека автобусите на ЈСП нема да возат денеска. Неодговорно е во вакви услови да тргнете повторно во 7.30 часот. Да тргневте во 7, ќе бевте навреме на работа. Не е точно дека автобусите не возат, возат приватните – зборува една жена со свој колега додека се вози со автобус со број 23 до крајната станица кај ТЦ „Зебра“.

Работат и наплатните куќички, каде граѓаните може да ги надополнат своите картички за возење.

– Ние работиме, не штрајкуваме. Мора да изадаваме билети. Еве, приватните возат, а и тие се на истиот систем – вели вработена во ЈСП, која издава билети утрово.

Градскиот сообраќај во Скопје е голем проблем во главниот град и кога функционираат сите превозници. Често, за растоварување на сообраќајот се повикува граѓаните да одат до работните места со велосипед, тротинет или некое друго алтернативно превозно средство. Тоа би придонело и за намалување на загадување. Доколку не можат, повиците се да се организираат да одат по неколкумина со ист автомобил, за да има помалку метеж по улиците.

Идеи за растоварување на сообраќајот не недостасуваат, од трамвај, до БРТ систем на автобуси, но тоа никако да се реализира. Метро – никогаш сериозно не било ставено на маса пред градските власти.

Додека политичарите ветуваат различни решенија, последното на градоначалничката Данела Арсовска, за бесплатен јавен превоз за сите граѓани никако да се исполни и по една година од нејзиниот мандат, а денеска јавниот сообраќај е во колапс, според неа, токму поради неисплатени бесплатни билети кои им следуваат на студентите и средношколците, што пак од Владата е демантирано.

Вработените во ЈСП не зеле плата – штрајкуваат во депоата на ЈСП во Ѓорче Петров и Автокоманда, раководството незадоволно од должниците – штрајкуваат пред Владата. Иницијативата во Советот на Град Скопје за наоѓање пари од Градот за ова претпријатие помина, но за конечна реализација, треба да почекаме до петок.