Скопјанец пукал кон семејството, ја нападнал и 24-годишната ќерка


Фото: Б. Грданоски

Полициски службеници од СВР Скопје синоќа го лишиле од слобода 55-годишниот Б.С. од Скопје, под сомнение за семејно насилство и употреба на огнено оружје кон неговата 48-годишна сопруга и трите ќерки кои биле на возраст од 18, 24 и 26 години.

Според информациите од МВР, првиот настан бил на 1 март, кога по расправија во домот во населбата Кисела Вода, пријавениот испукал еден куршум од пиштол кој завршил во прозорецот. Потоа, тој физички ја нападнал својата 24-годишна ќерка и упатувал закани кон неа и нејзината 18-годишна сестра.

Осомничениот делото го повторил синоќа околу 22:30 часот, кога повторно со пиштол ѝ се заканувал на сопругата, но бил спречен од неговите ќерки да го употреби оружјето.

Од МВР велат дека ноќеска, 40 минути по полноќ, го привеле насилникот кој е задржан во полициска станица.

По целосно документирање на случајот, од полицијата велат дека против него ќе биде поднесена соодветна пријава.