Скендер Реџепи ќе ја напушти Алтернатива ако партијата ја урне Владата заедно со Левица


Пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, вечерва отиде чекор понатаму во своите ставови во врска со формирањето на новото парламентарно мнозинство кое в четврток треба да ѝ изгласа недоверба на Владата. Гостувајќи во емисијата „Клик плус“ на ТВ21 тој рече дека доколку Алтернатива одлучи да ја урне Владата заедно со Левица, тој ќе ја напушти партијата. Па дури и да го врати пратеничкиот мандат.

„Во моментот кога политичкиот субјект на кој припаѓам (Алтернатива) утре или задутре, се одлучи да го прифати потписот заедно со Левица на списокот, тогаш мојата одлука ќе биде сигурно напуштање на партијата, можам дури и да го вратам пратеничкиот мандат“, рече Реџепи.

Тој рече дека Африм Гаши, претседателот на Алтернатива, бил доведен до свршен чин при фотографирањето на новото парламентарно мнозинство.

„Група луѓе поставија фотографија на која е присутен и мојот претседател Африм Гаши, кој верувам дека е таму бидејќи го доведоа пред свршен чин. Но сепак тоа е негов став“, нагласи Реџепи.

Тој рече дека веднаш му се јавил на пратеникот од Алијансата за Албанците Халил Снопче (кој исто така е на фотографијата) и му рекол дека „нешто не е во ред“.

Тој исто така оцени дека има разлика меѓу Никола Груевски и Христијан Мицкоски, но дека ВМРО-ДПМНЕ не е целосно реформирано. „Соработката со нив нѐ чинеше 27.000 гласови и за тоа треба да се побара одговорност во партијата“, додаде Реџепи и рече дека органите на партијата мора да разговараат за овој лош резултат и како дојде до него.