Скандал во Бугарија со трансплантација на органи: Богати плаќале, сиромашни давале


Бугарија ја тресе голем скандал откако Министерството за здравство на Бугарија откри дека во мандатот на поранешната влада на Бојко Борисов државна болница вршела трансплантации на органи од сиромашни живи донатори за богати клиенти што функционирале под лажен идентитет, за што министерството ги има „сите причини да верува дека не се роднини, како што налага законот“.

Висок владин службеник, наводно, на овој начин добил трансплантација на црн дроб и успеал да скокне на врвот на листата на чекање.

Во последните две години во државната болница „Лозенец“ биле извршени 14 трансплантации на бубрези од живи донатори и во документите се вели дека сите донатори на бубрези се сиромашни „внуци“ од Украина и Молдавија, а примателите се богати „чичковци“ од земји како Израел, Јапонија, Оман, рече министерот за здравство Стојчо Кацаров, пренесе Еурактив.

Утврдено е дека многу од богатите „чичковци“ што ги примиле бубрезите користеле лажен идентитет.

Еден ден по објавените откритија од Министерството за здравство за сомнителни трансплантации во болницата „Лозенец“, обвинителството и Министерството за внатрешни работи не зазедоа став на темата и не е познато дали и какви активности ќе преземат понатаму. Привремениот министер за здравство Стојчо Кацаров го смени раководството на медицинската установа.

Во изјавата на својата веб-страница, болницата „Лозенец“ ги негира сите податоци дадени од привремениот министер за здравство, Стојчо Кацаров. Поранешниот министер за здравство Кирил Ананиев негираше дека знаел за нелегални трансплантации, чијашто пракса, според Кацаров, започнала во 2019 година до април 2021 година.

Пред две години, Кирил Ананиев беше министер за здравство, а откако беше преместен на чело на Министерството за финансии, функцијата ја презеде Костадин Ангелов. Вториот сè уште не коментирал дали имал информации за прекршувања и злоупотреби во трансплантациите.

Во соопштението од болницата „Лозенец“ се тврди дека болницата ги исполнила условите за трансплантација од жив донатор, бидејќи тоа може да се докаже со документи за сродство помеѓу донаторот и примателот (во Бугарија е забрането да се даруваат органи од живи донатори доколку не се роднини). Пред да бидат извршени операциите, агенцијата за трансплантација била известена, „бидејќи станува збор за странци“. Сепак, болницата не објасни зошто странците ќе вложат максимални административни напори да ги извршат своите трансплантации во Бугарија.

Министерот за здравство Стојчо Кацаров на брифинг претходниот ден заклучи дека документите на примателите на органите се фалсификувани: „Донаторите се внуци од Украина и Молдавија, а приматели се чичковци и тетки од Израел, Јапонија, Германија, Оман итн. Сите основи да се верува дека овие луѓе не се поврзани едни со други“, рече министерот за здравство.

„Имињата меѓу донаторот и примателот немаат ништо заедничко, освен што се од различни земји“, додаде во петокот заменик-министерот за здравство Димитар Петров на Бугарската национална телевизија (БНТ). Тој тврди дека Агенцијата за медицински надзор е пред контакт со земјите приматели со цел да утврди „дали овие пациенти се вистински, дали имињата се вистински, дали имаат семејна врска (со донаторите)“.

Стојчо Кацаров рече дека агенцијата направила истраги до Израел и добила одговор дека идентитетите се лажни.

Болницата, исто така, ги негира обвинувањата на министерот за здравство за шема во која висок владин службеник прераспределил три лица за трансплантација на црн дроб во април: „Болницата ‘Лозенец’ не прави разлика меѓу своите пациенти и се води само од медицински критериуми и индикации за трансплантација и итност. Предметниот случај е новооткриен карцином, чиј развој може да се спречи само со итна трансплантација на заболениот црн дроб“.

Здравствените власти одбија да ја наведат позицијата и името на лицето, нагласувајќи дека му бил даден приоритет по телефонски повик со Агенцијата за медицински надзор, која е вклучена во трансплантации во Бугарија. Без именување имиња, вршителот на должноста заменик-министер за здравство Димитар Петров објави дека според него повикот дошол од премиерот или министерот за здравство, имајќи ги предвид (но без именување имиња) Бојко Борисов и Костадин Ангелов. (Н.В.)