СЈО ќе стане историја, ама не и случаите од „бомбите“


Прогонот за кривичните дела што се поврзани со неовластеното следење на комуникациите во периодот од 2008 до 2015 година е само една од надлежностите што ќе ги преземе новото јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција, доколку се обезбеди потребното мнозинство за донесување на последното законско решение за јавното обвинителство, кое завчера го усвои Владата, а вчера стигна и во парламентот. Новото обвинителство, кое ги спојува СЈО и Обвинителството за организиран криминал и ќе функционира во составот на редовното обвинителство, ќе ги преземе случаите што произлегуваат од „бомбите“ во која било фаза од постапката.

Ова е, всушност, една од клучните точки околу кои се кршеа копјата меѓу власта и опозицијата, со оглед на барањата на ВМРО-ДПМНЕ да се поништат сите случаи што СЈО ги отвори или покрена обвиненија за нив по 30 јуни 2017 година. Меѓу нив е и предметот „Талир“ кој се однесува директно на поранешната владејачка партија. Временското ограничување за подигање нови обвиненија во сегашниот закон за СЈО, практично, му ги врза рацете на ова Обвинителство, особено откако и Врховниот суд донесе начелно мислење дека не се дозволени нови истраги и обвиненија по 30 јуни 2017 година.

– Со новиот предлог-закон нема ограничување за подигање обвиненија и отворање истраги во однос на случаите што произлегуваат или се поврзани со снимките од неовластеното следење на комуникациите. Освен во случај на застареност, овие предмети ќе се процесираат согласно со Законот за кривична постапка – објаснуваат од Министерството за правда кое го подготви новиот предлог – закон за јавното обвинителство.

За разлика од претходната верзија на овој закон, за која власта и ВМРО-ДПМНЕ со месеци не успеваа да ги доближат ставовите, во новото законско решение не се регулира „судбината“ на снимките од масовното прислушување. Иако првично беа предвидени соодветни рокови за уништување на „бомбите“, во новиот предлог-закон за јавно обвинителство воопшто не се третира тоа прашање. За тоа прашање е оставен простор да се постапува согласност со Законот за кривична постапка и евентуално дополнително да се регулира со ЗКП – објаснуваат од Министерството за правда.

Оттаму посочуваат дека со доставување на предлог-законот во парламентот, практично, таму ќе продолжи дебатата за него, посебно во делот на амандманската расправа и можноста секој пратеник да поднесе амандмани на основниот текст. Со тоа и потрагата по двотретинско мнозинство сега се сели во Собранието. Проценките во политички кругови се дека не е исклучено потребните 80 гласа „за“ и овој пат да се обезбедуваат по заобиколен пат, доколку не се постигне консензус со ВМРО-ДПМНЕ – во чие седиште, пак, паралелно се подготвува друго законско решение на истата тема.

Новиот предлог-закон на Владата е доставен во парламентот по скратена постапка и со европско знаме, така што сега треба да се определи дали поднесувањето амандмани ќе оди преку Комисијата за политички систем или преку Комисијата за европски прашања. Со оглед на тоа што овој закон се смета за дел од реформите во правосудството и е битен за одлуката за почеток на преговорите со ЕУ, европското знаменце овозможува максимално кратење на процедурата за донесување. Кратењето на роковите е битно и поради тоа што со преодните одредби е предвидено новото ЈО за организиран криминал и висока корупција да почне да функционира на 15 септември, кога завршува мандатот на СЈО, а формално и на Катица Јанева, согласно со сегашниот закон за оваа институција.

Освен „бомбите“, во надлежност на новото ЈО за организиран криминал и висока корупција ќе бидат: дела извршени од организирана група од три или повеќе лица, за случаи за кои е предвидена казна затвор од најмалку четири години; кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција; кривични дела неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, кога се работи за меѓународна организирана група; измама на штета на средства на Европската заедница; перење пари; злоупотреба на службената положба и овластување, проневера и измама во службата; примање поткуп; давање и примање награда за противзаконито влијание; попречување на правдата и

откривање идентитет на загрозен или заштитен сведок; терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста; трговија со луѓе; кривични дела против изборите… (А.М.М.)