СЈО е подготвено да ги предаде предметите по кои постапува со сите списи и докази
Специјалното јавно обвинителство денеска соопшти дека е подготвено веднаш да ги предаде предметите по кои постапува со сите списи и докази на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
-Ја известуваме јавноста дека од страна на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија доставен е допис во кој е наведено дека согласно член 6, став 5 од Законот за
Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, неопходно е ова Обвинителството да преземе дејствија за предавање на предметите во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од СЈО објавено на нивната веб страница.
Во соопштението се наведува дека постапувајќи по дописот, до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија доставено е известување дека Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е подготвено веднаш да ги предаде предметите по кои постапува со сите списи и докази.
За останатите детали околу примопредавањето на предметите, од СЈО посочуваат ќе информираат дополнително.