СЈО, Антикорупциска и изборите ќе ги донесат преговорите со ЕУ
„Сега е моментот. Ако не се случи во јуни, ако земјата не добие датум за преговори, ќе ризикуваме многу“, е пораката до лидерите во земјата околу преговорите со Европската унија, со додавка – дека треба да избегнуваат да го користат овој сензитивен процес за политички добивки во кампањата, така што ќе шират негативизам.
„Нема причина за неоптимистичките изјави во моментов. Ќе биде тешко поради случувањата во ЕУ и изборите, но поддршка има од многу земји членки, вклучувајќи ја и Грција. По европските избори треба да биде објавен извештајот за прогрес, на 18 јуни министрите за надворешни работи треба да донесат одлука за преговори, а за два дена да ја потврдат лидерите, така што процесот ќе биде многу брз – за две недели од објавувањето на извештајот“, се порачува од дипломатски извори.
Според овие оценки, изјавата на еврокомесарот Јоханес Хан за некаква подготовка за започнување преговори е погрешно разбрана, бидејќи таа се однесува за периодот по донесувањето на одлуката за датумот. „Нема да биде лесно да се одложи одлуката за преговорите. Ова е таков моментум за земјата, ниту една друга во регионот не напредува и вашата е единствена позитивна приказна на Балканот постигната со голема жртва на луѓето тука. Ако ЕУ не го признае тоа, лошо ќе биде и за неа“, порачуваат овие извори.
Оценката за нашата држава ќе биде направена во споредба со претходниот период, ќе се укаже на големите промени, особено во добрососедските односи, но и на внатрешен план, почнувајќи од тоа дека имаме функционален парламент со опозиција која работи со власта на законите што бараат двотретинско мнозинство, за разлика од соседните земји во кои опозицијата или е на улица или не соработува воопшто. На меѓуетнички план како подобрување ќе се истакне Законот за јазиците, консензуалниот кандидат за претседател, новото министерство што е во подготовка, а околу реформите оценката ќе биде дека имало големо напредување и промени иако некои можеле да бидат направени побрзо и подобро. Бидејќи до извештајот има уште два месеца, од земјата ќе се очекува да затвори уште неколку прашања. Околу изборите, условот ќе биде тие да се одвиваат добро, без полнење на кутии, а дали ќе биде избран претседател или не нема да влијае на крајната оценка, бидејќи Уставот има решение за таквата ситуација.
„Ако некој не е волен да гласа земјата да оди напред, сепак може да ја искористи оваа ситуација. Уставот има решение ако не се избере претседател и во практика нема политичка криза. Ние нема да драматизираме, ако не драматизирате вие“, порачуваат овие извори додавајќи дека бојкотот не би го „поздравиле“ иако е индивидуално право.
Мандатот и статусот на СЈО, како што се тврди, никогаш не биле поставени како формален услов од Брисел, но се услов што го бараат некои земји членки (Холандија и Франција). Генерално сите земји членки бараат резултат во борбата против корупцијата и во судските реформи, а таков резултат обезбедило во најголем дел Специјалното обвинителство, така што сакаат да му се даде можност да продолжи да работи и да видат како ќе функционира по септември. Ако нема одговор на тоа, може да се случи одлуката за датумот за преговори да биде одложена за октомври, а тогаш ќе има нов Европски Парламент, нова Европска Комисија, нов распоред на сили, нови луѓе, а можно е да си замине и Алексис Ципрас, кој сега силно ја турка земјата кон датум. Според оценките во Брисел, се работи за институција која дава резултати, а не за личности. СЈО има ресурси, има способностии можности,а веќе е добро етаблирана во време кога во другите сегменти на судството нема такви постигнувања. Во тој контекст, нема расположение кај дипломатите и за уште една амнестија каква што се најавува деновиве како можна од страна на шефот на државата Ѓорѓе Иванов, уште повеќе што еднаш беше оспорен тој негов потег внатре во земјата. Таков потег, велат дипломатите, ќе влијае сигурно на оценката за владеењето на правото во земјата, која и така е фрагилна. Притоа, заради подобра позиција, се препорачува и новата Антикорупциска комисија да заврши некои започнати истраги пред јуни, особено околу непотизмот, а власта да покаже нула толеранција за тој непотизам и за корупцијата.
За можноста Гордана Силјановска Давкова да победи на изборите и да го оспори Преспанскиот договор потоа, пораката е дека таа најавила дека ќе го почитува Уставот, а ако не го прави тоа, ќе и наштети на земјата.
„Ќе ја судиме според акциите. Ако не го следи Уставот, тоа ќе биде штетно. Демократско право е да се обиде да го смени Уставот, но тоа нема да биде лесно.Затоа, не велиме дека е крај на светот ако е избрана“, се порачува од дипломатски извори. (С.Ј.)