СДСМ: Синот на Ѓорѓе Иванов и сопругата на Бетмен ќе прават контрола на МЕПСО


СДСМ обвини денес за груба партизација на администрацијата, а повод е именувањето на синот на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов и  сопругата на Бетмен за членови на, како што тврдат, надзорниот одбор на МЕПСО.

„Скандалозни се најновите одлуки со кои Владата изврши целосна партизација на МЕПСО со некомптентни луѓе кои немаат допирна точка со енергетиката, но се роднински поврзани со луѓе од Владата.Прв и најскандалозен избор е изборот на синот екс претседателот Ѓорѓе Иванов, Иван Иванов, за член на надзорниот одбор на МЕПСО.Тој е дипломиран политиколог и нема никаква допирна точка со она што ќе треба да го работи.

Понатаму, во МЕПСО е згрижена и сопругата на главниот ТВ водител и пропагандист на ВМРО-ДПМНЕ Богдан Илиевски, Анастасија. Човекот кој жолчно ги брани секојдневно политиките на ВМРО-ДПМНЕ, кој беше водач на насилните протест на 27 април, сега конечно наплатува за своето слепо слугување на партијата.

Понатаму, со назначувањето на првиот братучед на Изет Меџити, Бурим Љатифи за директор на МЕПСО, имаме целосен непотизам за што бараме институциите итно да реагираат.

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со грубата партизација со целосно некомпетентни кадри на значајни позиции. Јавноста уште не може да поверува дека на замечничко министерско место во МВР има човек со фискултурно образование, а сега во енергетиката се поставуваат политиколози. Ова се најлошите кадровски решенија на било која Влада во минатото и од овие луѓе може да се очекува само да и служат на партијата, никако на граѓаните, порачаа од СДСМ.

Според информацијата што беше објавена претходно,  Иван Иванов и Анастасија Илиевска ќе бидат членови на управниот, а не на надзорниот одбор на МЕПСО. Имено, Министерството за транспорт како единствен акционер на АД МЕПСО неодамна ги назначи новите членови на надзорниот одбор на компанијата, додека надзорниот одбор ги избра членовите на управниот одбор и тоа во состав: За претседател на управениот одбор и директор е назначен Бурим Љатифи, заменик-директор Александар Пауноски, а за членови назначени се Сашко Лакински, Васе Јовевски, Анастасија Илиеска, Иван Иванов и Мартин Малиновски.  МЕПСО е една од компаниите во која членувањето во овие тела се плаќа најмногу.   

Од ВМРО-ДПМНЕ пак одговорија дека тврдењата на СДСМ се лага и конструкција и дека ниту  станува збор за синот на поранешниот претседател, ниту станува збор за сопругата на Богдан Илиевски.

„Тоа се комплетно различни личности, кои немаат никаква допирна точка со Иванов и Илиевски. И тоа е лесно проверливо и уште полесно за докажување, но на СДС им е полесно да се расфрлаат со пердуви и да обвинуваат за наводна партизација. Заврши вашето време, со тоа заврши и уништувањето на институциите“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.