Филков го запре десеткратното поскапување на нотарските тарифи


 

Новиот министер за правда, Игор Филков, ја запре скандалозната одлука да се зголемат трошоците за нотарските услуги десетпати повеќе од сега, што ја донесе тајно Кренар Лога и за неа се дозна откако беше објавена во „Службен весник“. Одлуката требаше да стапи во сила од утре, но Филков покрена иницијатива таа да биде преиспитана, порачувајќи дека од необјасниви причини Лога ја туркал оваа агенда и тоа без најава и расправа, туку далеку од очите на јавноста.

„Покренав постапка за одлуката за нотарските тарифи на претходната влада. Од први септември тие требаше да се зголемат десет пати. Тоа нема да се случи. Ќе ја повлечам одлуката“,, рече денес Филков на прес-конференција со новинарите со порака дека – вака не се работи. 

Тој соопшти дека одлуката за зголемување на тарифите за нотарските услуги била донесена во февруари, но излегла во „Службен весник“ дури на 11 јуни, практично пред да падне претходната влада. Тој оцени дека за промена на нотарските тарифи треба да има сериозна причина и затоа побарал анализа од Парламентарниот институт во која ќе се земат во предвид реалните трошоци, но ќе се разгледаат и аргументите на нотарите.

„Лично сметам дека не смее народот да плаќа десет пати повеќе. Не ја гледам смислата. Исто така, ќе разговараме и со нотарите, сакаме да го слушнеме и нивното мислење. Како што сум информиран, оваа одлука за енормното зголемување била донесена во февруари, но се чекало да поминат изборите. Притоа никој не ја информирал јавноста за ова, односно процесот бил скриен“, рече министерот Филков.

За зголемувањето тогаш реагираше Левица која соопшти дека „почнувајќи од 1 септември трошоците на граѓаните за составувањето на задолжителни нотарски акти ќе изнесуваат најмалку 8.000 денари. За споредба, досегашниот минимален надомест за нотарски акти изнесуваше 800 денари, што претставува десеткратно зголемување на трошоците за нотарски акти од мала вредност.

Истовремено, дури и едностраните правни исправи во форма на нотарски акт поскапуваат повеќе од тројно, од досегашните 400 денари на 1.300 денари. Воедно, повеќето заверки на документи, кои за граѓаните се товар кој мора да го понесат за завршување и на најмала бирократска работа и процедура, отсега ќе се наплаќаат од страна на нотарите двојно поскапо.Ова претставува уште едно во низата поскапувања кои го отежнуваат секојдневното живеење и функционирање на граѓаните, а е наметнато од владејачките партии кои наместо да го штитат животниот стандард на граѓаните, ги застапуваат интересите на различни лоби – групи, го отежнуваат пристапот до правни услуги на безимотните и го продлабочуваат класниот јаз“, порача тогаш Левица. (Н.В.)