Синот на Аки Рахимовски го посети гробот на Тоше
Кристијан Рахимовски, синот од првиот брак на неодамна починатиот легендарен пејач на „Парни ваљак“ Аки Рахимовски , денеска во Крушево го посети гробот на Тоше Проески, објави на Фејсбук крушевскиот градоначалник, Томе Христоски.
Рахимовски вчера пристигна во Скопје и изјави дека посетата е од приватен карактер, да ги посети баба си и роднините. Во Македонија доаѓа по 35 години.
Александар „Аки“ Рахимовски е роден во Ниш, Југославија, на 5 јуни 1955, но за брзо време се преселува во Скопје. Неговиот татко бил музички професор со што на седум години тој започнал да учи во музичко училиште за клавир и пеење.
Како тинејџер бил член на неколку состави меѓу кои се групите „Вакуум”, „Крвни браќа” и познатата „Тор” со кој настапи на фестивал во Загреб во 1975 година. Во соработка со менаџерот Владимир Михаљек – Мих го формираат првиот состав на „Парни ваљак”.