Синдикатот бара Владата да е поригорозна кон алчните трговци


Слободан Трендафилов, претседател на ССМ (Фото: Б. Грданоски)

Сојузот на синдикатите на Македонија треба да биде вклучен во креирањето на новите мерки од страна на Владата за ограничување на профитните маржи на основните производи за да не се случи трговците повторно да ја изиграат мерката на грбот на работниците и граѓаните, смета првиот човек на оваа организација, Слободан Трендафилов.

– Тоа што можам јас да го кажам врз основа на параметрите со кои ние располагаме е дека 47 продукти или производи од минималната синдикална кошничка беа преземени во мерката што ја донесе владата за 70 продукти или производи на кои им беше ограничена маржата. За жал, трговците го искористија периодот кога Владата најавуваше дека ќе се донесе ваква мерка и што направија? Прво ги зголемија цените и синдикалната минимална кошничка во делот на растот на трошоците за храна и за пијалаци беше зголемен за некаде околу 750 денари за септември, а сега за октомври е намален за некаде 960 денари, што ќе каже дека трговците беа алчни, на грбот на работниците повторно се обидуваа да заработуваат и цените кои ги зголемија во септември само ги намалија во октомври и повторно останаа со истиот профит кој го имаа – изјави Трендафилов.

Претседателот на ССМ вели дека во Македонија можеме да гледаме само зголемување на алчноста на трговците на штета на граѓаните и на работниците, додавајќи дека Владата треба да преземе поригорозни чекори за да ги спречи ваквите појави.

– Се разбира дека чекаме и ограничувањето на маржите согласно Законот за нефер трговски практики да профункционира, меѓутоа од тоа што го гледаме на терен е дека навистина е слаб настапот на инспекторатот, не поради тоа што не сакаат, туку затоа што имаат многу мал број на луѓе кои треба да контролираат огромен број на трговци. Сметаме дека ССМ треба да бидеме вклучени во начинот на креирање на новите мерки кои ќе ги креира Владата за ограничување на маржите имајќи предвид дека две третини од тоа што го предвиделе е од минималната синдикална кошничка, а ние ја пресметуваме истата и знаеме најдобро што е потребно – рече Трендафилов.