Симона Спировска: Многумина не го чувствуваат срамот
Се срамиме од нешта што не се за срамење, како физички изглед или сексуална ориентација, а во исто време бесрамно се повредуваме, пљачкаме, газиме едни со други, вели актерката Симона Спировска која е дел од претставата „Човечкиот срам“ која вечерва ќе се одигра во рамките на МОТ во МКЦ со почеток во 20 часот.
„Човековиот срам“ е дел од проектот „Поетика на срамот“ на Здружението „Артопија“ од Скопје и #reteteatro41 од Италија, кој се реализираше во рамки на манифестацијата „Матера – европски град на културата 2019“. Во процесот на реализација беше претставен и во Младинскиот културен центар на крајот на минатата година. Минатата година во Скопје беше одржана и панел-дискусија на тема: „Ајде да зборуваме за срамот“.
Во актерската екипа, покрај нашата Симона Спировска, играат тројца актери од Италија (Антонела Јалоренци, Мариаграциа Начи, Матија Џордано) и Ема Таширо од Јапонија. Конструкцијата на претставата е на Силвија Грибауди и Матео Мафесанти.
Како што вели Спировска, ова е резултат на нивната едногодишна соработка на претходниот проект и екипата меѓусебно добро се познава.
– Работевме во Сатријано, едно место во областа Базиликата, во театарска зграда која ја користевме само ние, на почетокот на оваа година. Овој перформанс е всушност првиот реализиран проект за „Матера – Европски град на култура 2019“. Секоја недела имавме отворени проби, на кои го споделувавме нашиот процес со жителите од ова мало село – вели Спировска.
Проектот е инспириран од трансформацијата на италијанскиот град Матера, кој од град на срамот, се издигнал во град на гордоста. Градот за срамен бил прогласен од политичарите и моќните луѓе во Италија бидејќи Матера бил сиромашен град, а богаташите, таквиот живот го сметале за недостоен. Претставата низ различни облици го гледа човековиот срам, како и извртените општествени вредности.
– Осознав дека не го познаваме/препознаваме срамот. Дека многумина не го ни чувствуваат и дека се срамиме од нешта што не се срамење, како физички изглед, сексуална ориентација. Истовремено, бесрамно се повредуваме, пљачкаме, газиме едни со други. Денес е очигледно најважно да се изгледа фино – вели Спировска.
Режисерката и кореографка Силвија Грибауди вели дека оваа претстават е почеток на тема на која би сакала да продолжи да работи.
– Процесот низ кои поминавме беше длабоко емотивен и тежок за преведување во танцови движења. Јас сум пред се кореографка, но овој процес, благодарение на текстовите на Јетон Незирај и на мојот колега (режисер и видеоартист) Матео Мафесанти, успеавме да допреме до: срамот од телото, нацијата, личното и интимно чувство на срам преведувајќи ги низ хумор во една наша парада, бескорисна забава за човекот. Сите можат да почнат да живеат слободно! – вели Грибауди.
Претставата се играше во затворот во Матера, кој и денеска работи, а на дел од изведбите присуствувале и затворениците, како и дел од нивните семејства.
– Уметничкиот аспект на овој проект е дело на Антонела Јалоренци, која има големо искуство со театар во затвор. Ја предложи идејата и можноста да се работи во затворот во Матера и за мене и Матео тоа се чинеше како кохерентна идеја за овој проект. Сите ние се соочивме со тоа искуство, погледите на момчињата (затворениците) и желбата на многумина од нив да се „родат одново“ и да се изградат одново – вели Грибауди.
За соработката со нашата актерка, Грибауди вели дека Спировска е способна да преведе невидливи чувства во најситни нијанси.
– Како што веќе реков, јас сум кореографка и работата со актери за мене е возбудлива. Јас работам низ призмата на хуморот. А, тој е дел од културата и секако еден од начините да се демаскира срамот без да се создава судир. Благодарение на Симона открив нови начини на работа и можност да се преведе комичноста во длабоки чувства. Симона е една актерка која оди над границите и силата на оваа работа е што имав можност да запознам актери кои се пред се личности кој го ставаат животот во центарот на процесот на работа – вели таа.
Претставата почнува вечерва во 20 часот, а билетите може да се набават на билетарницата на МКЦ.
Ивана Настеска