Симон Трпчески издаде нова компилација „Сказни од Русија“
Македонскиот пијанист Симон Трпчески објави нова ЦД компилација од дела насловена „Сказни од Русија“, во издание на британската етикета ОНИКС.
Трпчески за својот најнов соло носач на звук, трет за оваа издавачка куќа, направил внимателен избор од фасцинантна и инспиративна музика на пијано.
Компилацијата содржи наслови како „Сказните на Старата баба“ од Сергеј Прокофјев, „Ноќ на Голиот рид“ од Модест Петрович-Мусоргски и „Сказна за Шехерезада“ од Римски-Корсаков.
„Многу сум среќен што ова це-де излегува под закрилата на ОНИКС, како прво солистичко издание за нив. Се работеше подолго време и донесува компилација од дела како избор на програма што соодветствува и на мојот концертен распоред, бидејќи ги снимив во два наврата: минатата година ја снимив „Шехерезада“ од Римски-Корсаков, а во април годинава делата од Прокофјев и Мусоргски. Избрани се дела кои многу ретко се свират на пијано, еден избор на композиции кои се практично пример за тоа колку фантазијата на композиторот може да биде огромна и во случајов инспирирана од сказните, неограничена и апсолутно безусловна“, вели Трпчески.
Почнувајќи со малата свита за пијано од Сергеј Прокофјев, „Сказните на Старата баба“, покажува исклучителна генијалност во нежноста, интимноста и талентот за мелодија кај авторот, за кого многумина сметаат дека е „поагресивен“.
„Јас пак отсекогаш сум сметал дека тој е еден многу искрен композитор, кој се изразува со детски дух, на детски начин, а оваа негова своевидна посвета на баба му го покажува токму тоа, со сета зрелост и суптилност на неговиот начин на изразување“, додава Трпчески.
Другите две дела се напишани за оркестар. „Ноќ на Голиот рид“ од Модест Петрович-Мусоргски, адаптирано од Николај Римски-Корсаков, а за пијано од Константин Чернов, изобилува со, за тоа време, модернистички сфаќања и заедно со концертната свита „Сказна за Шехерезада“ од Римски-Корсаков во обработка на Пол Гилсон.
„Мислам дека на публиката ќе и’ се допадне не само пијанистичкиот „огномет“ од технички аспект, туку и суптилноста, изобилието на фантастични мелодии, дури и со ориентална нота, ќе остави еден убав впечаток кај слушателите. Тимот со кој што работев под водство на продуцентот Ендрју Корнал навистина се потруди да обезбеди одличен звук. Снимавме во Ливерпул во еден простор со навистина возвишена енергија, што служел и како црква и сметам дека постигнавме високо ниво на автентичност и професионалност“, појаснува Трпчески.
Во најновата серија концерти што во новата сезона Трпчески ги отсвири, беа одбележани со силни овации од публиката. По летната турнеја што ги опфати Бразил, Црна Гора, Холандија, Јапонија и престижните концертни сали во Германија, Финска, Чешка, Ерменија, Велика Британија, Шпанија, Белгија, Романија беа домаќини на неговите бравурозни креации без оглед дали настапува со оркестар, има самостоен рецитал или се радува на можноста за новоосвоена сцена со изведбата на проектот инспириран од македонскиот фолклор „Македонисимо“.
Серијата концерти на нашиот пијанист низ светот во ноември продолжува во Детроит и Сент Луис, САД, а самостоен рецитал во Париз го очекува на 17 ноември. Тука е и за првпат гостувањето во Ташкент, Узбекистан. На ова се надоврзуваат и декемвриските настапи во Франкфурт и Виена (прочуената сала „Музикферајн“).