Сиљановска заборави на знамето, пак отиде на средба со Радев
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оствари средба со бугарскиот претседател Румен Радев на маргините на Конференцијата за климатски промени – COP 29 во Баку, Азербејџан. Во разговорот кој, како што информираат од кабинетот на претседателката, траел еден час и се одвивал во конструктивна атмосфера, било разговарано за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.
Ова е прва средба на Сиљановска со Радев откако за време на посетата на Софија беше фотографирана без македонското знаме во неговиот кабинет, што покрена лавина на реакции па и навреди од македонска страна.
Според соопштението од кабинетот, двајцата соговорници ги изложиле своите позиции во поглед на можните решенија за предизвиците на македонските евроинтеграции. Претседателката ја подвлеклае важноста од продолжување на билатералниот политички дијалог на сите нивоа и притоа посочила дека треба да се почитуваат позициите и интересите на обете страни и дека решавањето на билатералните спорови треба да е во рамките на основните вредности и принципи на Европската Унија.
Сиљановска Давкова, како што посочуваат од Кабинетот, нагласила дека односите треба да се развиваат врз основа на заемно почитување, поддршка и активна соработка што ќе придонесе за јакнење на довербата и пријателството меѓу двата народа.
Бугарскиот претседател Радев, се вели во соопштението, укажал на потребата од брзо решавање на отворените прашања, како и на потребата од воспоставување на добри односи во сите области од заемен интерес за полесно меѓусебно разбирање.
Двајцата соговорници во разговорот, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката, се согласиле за организирање на официјални посети на кои ќе се конкретизираат заложбите за подобра севкупна соработка меѓу двете држави.
Сиљановска на самитот оствари средба и со премиерот на Чешката Република, Петр Фиала на кој му ја посочила потребата ЕУ да биде јасна и непоколеблива во својата стратегија за проширување кон Западен Балкан, не оставајќи простор за нејаснотии.